1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Полска ја стриже Германија

22 јуни 2009

Осинов Долни е мало полско село на граница со Германија. Во ова село има само 200 жители, а дури 30 фризерски салони. Причината е мошне едноставна: во Осинов Долни „се фризираат“ Германци.

https://p.dw.com/p/IWWN
Фотографија: DW / Victor Weitz

За селото Осинов Долни би можело да се каже дека е вистинска полска провинција. Но, сепак не е така. Речиси 150 работници работат во 30 салони, а се‘ тоа во село со 200 жители. Муштериите доаѓаат пред се‘ од Германија. Тоа го потврдуваат регистарските таблички на автомобилите паркирани пред салоните, но и огромните реклами на германски јазик.

„Мислам дека во оваа приказна двете страни се во целост задоволни: нашите германски муштерии и ние – фризерите од Полска. Во меѓувреме, во ова село се отворија голем број салони, па конкуренцијата стана голема. Но, тоа е се‘ уште исплатлива работа“, велат полските фризери.

Како и да не биде. Четири евра за стрижење, 20 за фарбање. Ваквите бизниси бележат добри резултати и во времиња на економска криза, кога се штеди секој цент.

Германките модерни, Полјачките конзервативни

Недела попладне. Комплетниот персонал е на своите работни места. Миење коса, стрижење, фарбање, фенирање – се‘ се одвива по планот. И овојпат, најмногу муштерии има од Берлин. Главниот град на Германија е оддалечен се‘ на се‘ 60 километри оттука.

Handwerk - Frisör
Фотографија: picture-alliance/ dpa/dpaweb

„Се исплаќа. Секогаш доаѓам во Осинов Долни. Во Германија би платил 10-12 евра само за стрижење, а овде чини 4 евра. Тоа е голема разлика“, вели еден муштерија.

Полските фризери навистина се трудат да ги задоволат своите муштерии од Германија. Прамените на косата се кратат милиметар по милиметар, а фенирањето е прилично детално. За вкусовите не се дискутира многу, велат сопствениците на салоните. „Жените во Полска не се толку храбри при изборот на боја на косата, како што е случај со Германките. Полјачките пред се‘ би се одлучиле за конзервативни нијанси. Германките, напротив, бираат силни бои и со задоволство експериментираат. Но, понекогаш и Полјачките се одлучуваат да бидат нешто поекстравагантни“, вели фризерката Ола Корази.

Освен за фризура, одлично место и за шопинг

Околу 5000 германски автомобили дневно ја минуваат реката Одра. Германците исто така доаѓаат да купуваат во Полска. Притоа, не станува збор само за полнење на резервоарите.

„Овде може да се купи одлични и евтино овошје и зеленчук. Со задоволство доаѓам тука“, коментираат купувачите.

Добредојдовте во рајот за купувачите – Осинов Долни!

Вредноста на полската злота дополнително падна поради стопанската криза, а тоа значи дека апетитот на германските купувачи се зголеми. За стабилните евра тука може доста да се купи. Можеби не се‘ што посакувате, но во секој случај она што ви е најпотребно.

Cutters Köln Friseur
Добра и евтина услуга - што треба повеќе?Фотографија: DW / Victor Weitz

Фризерката Оља моментно има полни раце работа. Меѓу муштериите е и една госпоѓа која доаѓа во салонот веќе неколку години. И тоа не само поради поевтините услуги. „Тука доаѓам бидејќи знам дека мојата фризерка е одлична. И јас сум фризерка и во никој друг немам толку доверба како во неа“, вели редовната муштерика.

Салонот „Јандо“ е отворен 365 дена во годината, а тоа е особено важно ако сакате да излезете на крај со се‘ поострата конкуренција во селото. Во тоа име: да живее германско-полското зближување со помош на чешелот и ножиците!


Автор: Михаел Алтенхене / Ана Алибегова

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска