1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Полските Грци - заборавени бегалци

Елжбиета Биш/Б. Георгиевски29 ноември 2013

Деновиве многубројни бегалци од војните бараат прибежиште во Грција. Но пред 60 години, Грците беа тие кои бегаа пред виорот на граѓанската војна во нивната земја. Некои од нив стигнаа до Полска, каде останаа до денес.

https://p.dw.com/p/1AQVJ
Фотографија: picture-alliance/United Archives

Пролетта 1949. година. Кога комунистите беа поразени во граѓанската војна, герилците дојдоа во селото каде 9-годишната Евангелија Хондрајани живееше со својата мајка и петте браќа и сестри. Герилците дојдоа по децата, да ги одведат надвор од земјата. „Требаше да одиме во Југославија, но завршивме во Албанија. Таму минавме четири месеци, во Тирана“, се потсетува Евангелија. Тоа било привремено живеалиште. Последниот дел од патешествието ги одвел во комунистичка Полска.

Патот бил долг. Од Албанија, преку Гибралтар и Англискиот канал, во Балтичкото море до малото гратче Џивнов. Долг, но единствено безбеден пат. Патниците биле скриени под палубата, за да не бидат забележани од никого попат. „На бебињата кои беа со нас им ги врзуваа устите со шамии кога минувавме гранични контроли“, се потсетува Евангелија. Таа била една од 14.500 бегалци кои заминале за Полска. Мнозинството деца, но и жени, постари лица и ранети герилци. За последните, во Џивнов била изградена и привремена болница. Било планирано герилците откако ќе заздрават да се вратат на фронтот. Но тоа никогаш не се случило.

Flash-Galerie Ende 2. Weltkrieg Griechenland Anfang Bürgerkrieg
Воена парада во пресрет на граѓанската војнаФотографија: picture-alliance/akg

Строго чувана тајна

Миграцијата на Грците и Македонците кон крајот на 40. и почетокот на 50. години од минатиот век била строго чувана тајна. „Во тоа време на Студената војна светот не смееше да дознае дека Полска ги поддржува грчките комунисти“, објаснува Мјачеслав Војецки, научник, грчки културен активист и прв претседател на Грчко-полското друштво за пријателство. Никој не сакал да ги подгрева и онака жешките меѓународни теми. Бегалците од својата матична, грчка држава, биле прогласени за предавници и им било одземено државјанството.

Полска, и покрај тоа што и самата ги лекувала последиците од војната, на бегалците им ги обезбедила сите неопходни услови за нормален живот. Сите добиле домови, облека, храна, образование, па дури и забава. „Желбата да се учи и напредува е многу силна карактеристика на грчките имигранти во Полска. Како резултат од тоа, младите генерации напредуваа со голема брзина, нешто што постарите Грци и Македонци не можеа ни да сонуваат да го остварат во своите татковини“, вели Војецки.

Евангелија Хондројани во меѓувреме оформи среќно семејство и го смени презимето во Лучко. „Тогаш не очекувавме дека ќе трае толку долго. Кога отидов да го посетам родното село, по 28 години, сфатив колку многу сторила Полска за нас. Тамошните Грци едвај да знаеја да зборуваат и пишуваат на грчки. Јас тука ги научив грчката граматика и јазикот, литературата. Тогаш имав 37 години. Моите врсници од селото изгледаа како да имаат по 60 години“, вели Евангелија.

Интеграција во општеството

Кога велот на тајната конечно беше тргнат, многу Полјаци беа изненадени од присуството на грчките и македонските имигранти во нивната земја. Со текот на времето, имигрантите си го најдоа местото во полското општество, многумина и низ мешани бракови. Многумина денес се чувствуваат половина Полјаци, иако си ги задржале и националните традиции. А Полска и натаму им помага. Во гимназијата во Шчечин секоја сабота и натаму се држат часови по грчки јазик за сите заинтересирани кои сакаат да продолжат да си ја негуваат културата.

Hakenterrasse in Stettin Polen
ШчечинФотографија: public domain

Со години веќе, кон крајот на март, се одржува и Ден на Грците во малото гратче Полице, кое исто така прими голем број бегалци. „Грчката заедница е дел заедницата на Полице. Не можам да ја замислам нашата општина без нив. Трагедијата на Грците, кои беа принудени да ја напуштат својата татковина, можеме многу добро да ја разбереме, бидејќи и ние сме бегалци“, вели градоначалникот на Полице, Владислав Дјакун, чие семејство било протерано од источните делови на Полска кои ги окупирал СССР.