1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Полуфинале гарнирано со протести

ЕМФ/миа/дпа26 јуни 2013

Полуфинале на фудбалскиот Куп на конфедерации - на стадионот „Минеирао’’ во Бело Хоризонте, ќе играат домаќинот Бразил и селекцијата на Уругвај. Тензијата пред дуелот дополнително ја зголемуваат најавените протести.

https://p.dw.com/p/18wkJ
Фотографија: NELSON ALMEIDA/AFP/Getty Images

Напрегнатоста пред вечерашниот натпревар е голема не само поради секогаш жешките дуели на двата ривалски тима, туку и поради најавените масовни протести во Бело Хоризонте. „Тоа го следам на интернет. Најавени се прилично големи демонстрации, што ме вознемирува“, изјави бразилскиот напаѓач Фред, додавајќи дека тој во основа е „тотално“ за протести, но мирни. Во бразилската репрезентација се разговара многу за протестите, нагласи 29-годишниот Фред. Во Бело Хоризонте многу продавници ги имаат запечатено излозите со штици, особено оние што се наоѓаат на улиците што водат до стадионот.

Brasilien Belo Horizonte Polizei Proteste Demonstration 22.06.2013
Протести во Бело Хоризонте на 22.06.2013Фотографија: Yuri Cortez/AFP/Getty Images

Вечерашниот натпревар, инаку, ќе биде 71-во соочување на големите јужноамерикански конкуренти, чие ривалство датира од далечната 1916 година, а кулминираше во 1950 година, кога во финалната фаза на Светското првенство во Бразил, на легендарната „Маракана“, селекцијата на Уругвај го совлада домаќинот за освојување на светскиот трон. „Кариоките“ се надеваат дека токму сега ќе успеат да му вратат на големиот ривал и дека ќе ја продолжат низата од шест натпревари без порази (четири победи), за пласман во големото финале и можност за одбрана на титулата во ова натпреварување. Уругвај кој е актуелен шампион на Јужна Америка, нема победа во дуелите со Бразил од 2001 година, во квалификациите за СП. Во меѓусебните биланси Бразил е поуспешен со 32 победи наспроти 19-те на Уругвај и исто толку нерешени дуели.

Почетокот на натпреварот Бразил - Уругвај е вечерва во 21 часот, термин во кој утревечер ќе играат европските ривали Шпанија и Италија во вториот полуфинален дуел.