1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Полјаците во Германија - силни, но речиси невидливи

Барбара Келен / Елизабета Милошевска Фиданоска11 октомври 2012

Втора по големина група доселеници во Германија, но во секојдневието оставаат малку видливи траги. Притоа, без Полјаците немаше да има ниту индустријализација, ниту последното „фудбалско чудо“.

https://p.dw.com/p/15zLh

Германија и Полска се соседи - границата што ги дели е долга речиси 500 километри, од Свинеминде на север, до Цитау на југ. А сепак, полски печат има пред се‘ западот на Германија - во Рурската област почна променливата приказна на полското доселување. Приказна која може добро да се раскаже преку примерот на Чеслав Голебиевски.

Чеслав Голебиевски брзо се одлучил. Кога паднала Железната завеса, океанологот заедно со сопругата Моника и трите деца ја напуштил татковината. Голебиевски се преселил во Рурската област, во Оберхаузен, онаму кадешто неговиот татко во 1897. година се родил како син на полски доселеник и Германка.

Назад кон корените

Како дедото Голебиевски, пред повеќе од 150 години, во Рурската област дошле уште околу 300.000 доселеници, чиј мајчин јазик бил полскиот, за да помогнат при изградбата на индустријата за јаглен и челик. Тие основале полски банки, создале полски синдикати, се ангажирале во спортски и културни здруженија и на тој начин ја промениле сликата за целиот регион. Додека едни останувале трајно во Германија, други се враќале во татковината, особено откако по крајот на Првата светска војна повторно била создадена полска држава. И таткото на Чеслав Голебиевски во 1918. година се вратил во Полска, кадешто семејството останало се‘ додека Чеслав во 1989. година не се решил да си ја побара среќата во туѓина уште еднаш.

Czeslaw und Maria Golebiewski
Чеслав и Марија ГолебиевскиФотографија: DW/Cöllen

„Прво имав чувство дека сум проколнат да и‘ го завртам грбот на Полска поради лошата економска состојба“, вели Чеслав денес. „Но потоа овде, во Германија, најдов задача и се реализирав себеси.“ Задачата на Голебиевски е локалот „Гдањск“ во Оберхаузен, денес прва адреса кога станува збор за полската култура и уметност во Рурската област. Притоа, ниту Чеслав, ниту неговата сопруга Марија не знаеле германски кога стигнале во Оберхаузен. Поврзувањето со новата татковина одело добро, па така и јазичниот проблем брзо бил надминат: „Зборувам германски со полски акцент, имам полска душа, сакам да ме прифатат каков што сум.“

Постојано нови бранови доселување

Првите години во Оберхаузен за Голебиевски биле тешки, но првите доселеници по војната имале уште потешки почетоци. Непосредно по војната во Германија имало повеќе од 100.000 поранешни полски принудни работници и затвореници во концентрационите логори. Демократска Германија пак, на средината од 1950-тите, го доживела првиот бран доселување на луѓе од поранешните источни територии. Многумина биле со германско-полски идентитет . Поради катастрофалната состојба со снабдувањето, но и поради германско-полскиот договор за спојување на семејствата, на средината на 1970-тите години следува наредниот голем бран доселување од овие подрачја. Многумина Полјаци и‘ го завртеа грбот на татковината и на почетокот на 1980-тите, откако поради протестите на движењето Солидарност во земјата беше воведена воена состојба.

Flash-Galerie Polonia feiert in Berlin
Полјаци...Германци...ЕвропејциФотографија: DW

Меѓу 1980. и 2005. година, според наводи на германскиот Сојузен завод за статистика, во Германија трајно се доселиле околу 1,5 милиони, таканаречени доцни доселеници (луѓе со германско потекло кои живееле на некогашните германски територии источно од линијата Одра-Ниса, н.з.). Тие по правило имаат и германски и полски пасош. Бројот на граѓани со полски корени меѓутоа е многу повисок. Статистиката смета дека ги има околу два милиона. Ако кон тоа се додадат и многутемина со презиме Ковалски, Јанковски или Адамек, кои со децении живеат во Рурската област, а не знаат ниту да зборуваат полски, тогаш бројот е уште поголем.

Нормализација со приклучувањето кон ЕУ

Брановите доселување во децениите по 1945. година биле обележани од тешкото минато на двете држави, но тоа се промени со влезот на Полска во ЕУ, во 2004. година. Приклучувањето кон ЕУ беше стартна каписла за новата генерација која притиска самоуверено на германските универзитети и пазар на работна сила. Откако за полските работници во Германија во 2011. година паднаа и последните пречки, рамноправноста со останатите Европејци стана реалност.

Deutschland Monika Puchalski und Lukas Podolski am Nürburgring in Nürburg
Лукас Подолски, еден од најпознатите полски Германци, со сопругата Моника ПухалскиФотографија: picture alliance/dpa/F. Heyder

„Новите мигранти“ од Полска се разбираат себеси како „пост-национални“ и „европски“, покажа неодамна една студија околу ангажманот на младите Полјаци во Германија. За нив националниот идентитет е споредна работа. Во преден план се слободата и движењето без граници. Германско-полскиот однос ја губи згрченоста. Тоа може да се види и кај најпознатите „полски Германци“, Лукас Подолски и Мирослав Клозе. Нивните родители дошле како доселеници во Германија. Подолски и Клозе играат за Германија и се во исто време горди на своите полски корени.

Подолски, Клозе или Голебиевски - Германија со годините стана малку „пополска“ и (речиси) никој не забележа.

Портрети на некои од успешните Полјаци во Германија

[No title]

[No title]

Давид Томашевски

Збигњев Шќулни