1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Помалку емоции во политиката на Софија кон Скопје

Георги Папакочев/Б. Георгиевски24 јануари 2013

Во неодамнешното интервју за ДВ, поранешниот германски дипломат Клаус Шрамајер остро ја критикуваше бугарската позиција во однос на Македонија. Бугарскиот аналитичар Огњан Минчев не се согласува со тие ставови

https://p.dw.com/p/17QAL
Фотографија: O. Minchev

Во интервјуто, г-нот Шрамајер си дозволува изрази и квалификации кои се недозволиви како за дипломат, така и за политички аналитичар, вели Огњан Минчев директор на Институтот за регионални и меѓународни истражувања од Софија за Дојче веле. Според него, Бугарија во однос на Македонија води инертна и мрзелива политика на идентитет, според која „Македонците се наши браќа и што и да прават, ние треба да ги поддржиме“.

Ваквата политика, според бугарскиот аналитичар, е противречна.

„Прво затоа што таа е заснована на презумпцијата на патријархално-патерналистичко покровителство над Скопје од страна на Софија, и второ затоа што истата е неадекватна бидејќи на Бугарија не и остава в раце инструменти како за позитивни, така и за негативни реакции во зависност од поведението на другата страна.

Мислам дека бугарската политика не треба да се води од емоции, од презумпцијата на идентичност и блискост, туку од прагматичните причини на бугарските национални интереси. Кога ќе ни се совпадне интересот со Македонија ќе ги поддржиме. Кога тој интерес е во судир, треба да сториме се’ за да ги доближиме позициите, но не по секоја цена и против интересот на Бугарија“, вели Минчев.

Dr. Klaus Schrameyer
Клаус ШрамајерФотографија: DW

Аргументи пред ЕУ

Критиките на дипломатот Шрамајер, дека бугарската политика е обременета со радикални ставови, како оние на поранешниот министер Божидар Димитров, Минчев ги отфрла.

„Дел од тие луѓе имале функции во бугарската држава, но категорично тврдам дека тие никогаш не ја определувале бугарската позиција кон Скопје“.

Минчев ја смета за погрешна позицијата на Софија, која блокадата на Македонија во ЕУ пред своите партнери во Брисел ја објаснуваше со „пропагандата на Скопје и посегањето по нашиот историски идентитет“.

„Тоа се обвинувања кои не се поддржани од конкретни факти кои се бараат за да се докаже недобронамерност“. Според аналитичарот, Бугарија во преден план треба да ги постави проблемите поврзани со третманот на луѓето кои се изјасниле како Бугари или кои земале бугарски пасош, нивното незаконско апсење или бркање од работа поради националното чувство; проблемите со кои се соочуваат бугарските фирми при работењето во Македонија и сл.

Нестабилен идентитет

Политикологот смета дека Бугарија треба да се дистанцира од пропагандните кампањи кои се водат во Македонија во однос на идентитетот, бидејќи токму преку реакциите од Софија македонските власти во пракса акумулираат аргументи за својот идентитет.

„Во периодот на ’втората Југославија’ македонскиот идентитет се засноваше врз ткн. словенско потекло и средновековните артефакти за создавање на одделна нација и држава, колку и да се тие спорни. Денес, македонскиот идентитет се заснова на аргументи од антиката, па се стига и до аргументи од палеонтологијата. Очигледно станува збор за една многу нестабилна идентитетска база, при што важен елемент во постигнувањето некаков консензус за идентитетот во самата Македонија е одделувањето од претходниот идентитет, односно бугарскиот идентитет на словенското население во Македонија“.

Branko Crvenkovski in Bulgarien
Поранешните претседатели Бранко Црвенковски и Георги ПрвановФотографија: MIA

Минчев не очекува драматична промена на односите меѓу двете земји дури и во случај Македонија да влезе во ЕУ. Поради тоа, тој смета дека Софија треба да бара од Скопје да стави крај на „апсурдниот однос кон Бугарија“, преку потпишување на заеднички договор во кој ќе бидат регулирани најголемите проблеми, врз основа на декларацијата за добрососедство од 1999 година. Во процесот на преговорите на Македонија со ЕУ, при отворањето на поединечните поглавја, Бугарија треба да внимава да бидат почитувани сите европски норми, за да не се случи при влезот на Македонија во ЕУ недоразбирањата повторно да испливаат на површина, вели аналитичарот Огњан Минчев, директор на Институтот за регионални и меѓународни истражувања во Софија.