1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Помошта бавно пристигнува

30 мај 2006

Земјотрес со јачина од 6 степени според рихтеровата скала утринава го погоди источниот дел на провинцијата Папуа во Индонезија. Засега нема информации за материјални штети или човечки загуби. Силниот потрес се случи само три дена по катастрофалниот земјотрес во централниот дел на островот Јава, во кој според последните информации загинале 5400 лица. На настраданиот регион му е потребна итна помош

https://p.dw.com/p/Ac6E
Фотографија: AP

Десетици илјади преживеани веќе три дена чекаат на помош, која бавно пристигнува на теренот. Властите се соочуваат со недостиг од камиони и персонал за да можат да ги распределуваат шаторите, храна и лекови, некои места се достижни само пешки. Силниот дожд и прекините на струја и натаму ги спречуваат спасувачките работи. Клиниките во регионот на Џагџакарта се безнадежно преполнети со оглед на големиот број повредени во катастрофата. Денеска се очекува да пристигнат 40 тони хуманитарна помош од организацијата за храна при ОН. Претседателот Сусило Бамбанг Јудхојоно е благодарен за помошта од целиот свет:

„Вчера пристигнаа контингенти од Сингапур. Во разговорите што ги водев со останатите светски лидери, тие изразија подготвеност да и помогнат на Индонезија во овие тешки времиња. Јас сум благодарен за тоа и задоволен сум што нашиот народ ги поддржува и им дава помош на неговите браќа и сестри кои се во тешка состојба„

Организацијата на ОН за координирање на хуманитарна помош на вчерашниот состанок договорија организирање превоз на три полски болници, секоја со капацитет од сто легла. Досега се пријавени штети на 25.000 куќи од кои најмалку 4.000 се целосно уништени.