1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Помошта одобрена - контроверзите во Грција остануваат

21 февруари 2012

Грција ја доби неопходната помош и повторно во последен момент избегна банкрот. Земјата сега може да здивне, но колку ќе трае ова? Политичарите и коментаторите во Атина имаат различни гледишта.

https://p.dw.com/p/146gj
Фотографија: picture-alliance/dpa

По објавувањето дека на Грција и’ е доделен новиот пакет за спас, премиерот на преодната влада Лукас Пападемос зборуваше за „историски настан“. Министерот за финансии Евангелос Венизалос самозадоволно изјави дека „Грција постигна подобар резултат во преговорите, отколку што првобитно се стремеше“ и владата сега можела да се концентрира на тоа, економијата на земјата да ја донесе на вистински колосек.

Левичарските партии против договорот за помош

Тоа звучи како предизборна кампања, исто колку и изјавите на Алексис Ципрас, претседател на „Алијансата на радикалната левица“, кој пакетот за спас го става под прашање: народот, според Ципрас, не се чувствувал обврзан кон тој пакет за спас, туку оние од власта, па поради тоа неговата партија и натаму ќе се борела против договорот од Брисел. Неговиот збор во меѓувреме има тежина, оти левичарските партии во Грција, делумно непријателски настроени кон Европа, имаат се’ поголем прилив на приврзеници и на изборите, планирани најдоцна до мај, според анкетите заедно би можеле да добијат и до 43 проценти од гласовите.

Lucas Papademos und Evangelos Venizelos Treffen EU Finanzminister Brüssel
Евангелос Венизелос и Лукас ПападимосФотографија: AP

Против договорот вреден 130 милијарди евра се искажа и Алека Папарига, шефица на традиционално силната грчка Комунистичка партија. Капиталот ќе врати само мал дел од огромните добивки што ги постигна на товар на Грција, изјави таа денеска попладне (вторник, 21.02.2012) на прес-конференција во Атина.

Лидерот на конзервативците Антонис Самарас, кој последниве месеци води во сите анкети на јавното мислење, за време на посетата на претседателот на Кипар Димитрис Христофиас изјави дека решението од Брисел е позитивно, оти ја отстрани опасноста од банкрот на државата и го отвори патот за нови избори во Грција.

Скепса во печатот: Што ќе дојде потоа?!

„Та неа“, најтиражен весник во Атина, пишува за „покер со максимални влогови до утринските часови“ и во уводникот нагласува: „Не се добива секој ден отпишување на долг од 100 милијарди евра“.

Griechenland Finanzkrise Presse Deutschland Attacke auf Wolfgang Schäuble
Фотографија: dapd

„Единственото што со апсолутна сигурност ќе дојде по пакетот од 130 милијарди, е предизборната кампања“, резимира угледниот економски весник „Нафтемборики“. Во уводникот се нагласува и дека до изборите во секој случај натамошно ќе расте невработеноста, ќе назадува стопанството и ќе се шири сиромаштијата.

Негативен развој најавува и публицистот и политички коментатор Јоргос Кирцос: „Ние во моментов воопшто не сме во состојба да ги реализираме поставените цели кај приходите. Буџетот за 2012 година парламентот го одобри кон средината на декември 2011, а веќе денес има потреба од ребаланс. Ако итно не го промениме таквиот менталитет, тогаш по шест или најдоцна по девет месеци повторно ќе стоиме пред ќорсокак“, предупреди Кирцос на грчката државна телевизија НЕТ.

Автор: Јанис Пападимитриу/Зоран Јордановски

Редактор: Борис Георгиевски