1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Помош во земјата на непријателот

Тања Кремер/ Симе Недевски25 септември 2013

Една болница во северен Израел прифаќа ранети од сириската граѓанска војна. Постојано доаѓаат нови жртви. Притоа прекуграничната помош е чувствителна тема- впрочем Сирија и Израел официјално се наоѓаат во војна.

https://p.dw.com/p/19nsq
Фотографија: Menahem Kahana/AFP/Getty Images

За да го смири војот 15-годишен пациент доктор Шокри Касис ја става раката на неговото раме и притоа говори на арапски. Младиот Сирец пред неколку дена е примен во болницата со тешки повреди на стомакот и со потрес на мозокот. „Тој сѐ уште е под стрес и не е подготвен за разговор. Состојбата му е стабилна. Неопходно е уште некое време да остане во болница“ , вели доктор Касис.

Тој е убеден дека момчето ќе преживее. Овој Сириец е само еден од 96 пациенти кои од февруари наваму се примени во одделението за ургентна медицина. Неговото потекло и начиниот на кој ја преминал меѓудржавната граница се непознати. Мнозинството пациенти во болницата ги имаат префрлено израелски воени возила или припадниците на ОН. Настрадани од сириската граѓанска војна има и во други болници на северот на Израел. Ги сместуваат истотака и во воената болница на Голанската висоравнина, но тоа се држи во строга тајност.

На доктор Касис, како и на заменик директорот на клиниката ЗИВ во градот Сафед, Калин Шапира е најважно да им се помогне на несреќните луѓе. „Не знаеме како ја преминале границата и дошле кај нас. Не им ги поставуваме тие прашања.Тие за нас се пациенти на кои итно им е потребна помош. Не е важно од каде доаѓаат и дали станува збор за војници или цивили“.

Golan-Höhen Israel Syrien Zaun Grenze
Израелско-сириската граница на Голанската висоравнинаФотографија: Ahmad Gharabli/AFP/GettyImages

Во џебовите на пациентите наоѓаат пораки

На одделението се наоѓа и еден војник кој внимава да не се открива идентитетот на ранетите. Секодневно пристигнуваат нови пациенти. Меѓу нив во последно време се сѐ повеќе жени и деца. Лекарите најчесто не знаат ништо за нивните повреди. Понекогаш кај повредените наоѓаат пораки на хартија на кои сириските лекари напишале за какви повреди станува збор. Тоа се на брзина напишани пораки на парчиња хартија наменети за колегите во Израел со кои веројатно никогаш нема да се сретнат.

Мнозинството Сиријци доаѓаат само со облеката што ја имаат на себе и се разбира без какво било здравствено осигурување. Трошоците на третманот ги презема болницата. Персоналот се обидува на пациентите да им обезбеди што подобри услови, кои според зборовите на доктор Касис,често се шокирани од сознанието дека се наоѓаат во Израел: „најчесто се многу изненадени бидејжи ова за нив е непријателска земја. Сигурно дека никогаш не ни сонувале дека ќе бидат на лечење во Израел“.

Во болницата е примена и една мајка со нејзината осумгодишна ќерка. Двете се тешко ранети од шрапнели во нозете. На десната нога на девојчето има метален фиксатор. Докторот Александер Лернер ја охрабрува пациентката: „Тоа е многу тешка состојба. Веројатно да останела во Сирија би ѝ ја ампутирале ногата, а сега ние ќе се обидеме да ја спасиме во наредните две недели“.

Доктор Лернер со комплициран зафат ќе се обиде да му ја сочува ногата на девојчето. Се надева дека таа за две недели ќе може да ги направи првите чекори. Лекарот го голицка нејзиното мало стопало. Девојчето се смешка и нејзините прсти се придвижуваат. Тоа е добар знак.

Israel ZIV Medical Center in Safed
Клиничкиот центар ЗИВ во градот Сафед во северен ИзраелФотографија: Menahem Kahana/AFP/Getty Images

Неизвесна иднина по лекувањето

Солзи на лицата на ранетите од Сирија се појавуваат само тогаш кога размислуваат за татковината. Повечето од нив немаат никаков контакт со членовите на нивните семејства во Сирија. Не знаат ни дали нивните роднини се живи. Затоа на многумина најголема желба им е да се вратат дома. Но што ќе биде со ниц? Тоа за докторите е многу тешка тема.

„ Овде има пациенти за кои се грижиме еден или два месеца. Секој ден разговараме со нив. Никој не знае што уште ги чека овие луѓе, што ќе биде со нив“, вели лекарот Шокри Касис.

Се знае само толку дека кога ќе оздрават овие луѓе, возило на израелската војска ќе ги оодвезе во насока на сириската граница и оти со себе ќе имаат доволно лекови за наредните неколку недели.