1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Помош за дебелки деца

Михаел Шајбе / Александар Методијев22 ноември 2013

Деца на возраст од пет до 18 години се обраќаат во клиника во Бранденбург со цел да ги намалат килограмите. Таму учат здраво да се хранат. Докторите велат дека прекумерната тежина им создава психички проблеми на децата.

https://p.dw.com/p/1AGgv
Фотографија: MEHR

Деца и младинци од цела Германија сакаат заедно да слабеат во една бранденбуршка клиника. Надолу со килограмите - тоа е нивната цел. Прашани колку сакаат да ги намалат килограмите, тие даваат различни одговори.

„Околу пет до десет килограми би биле супер“, вели едно момче.

„Сакам да ослабнам 10 килограми“, вели едно девојче.

„Да ослабнам пет до шест килограми“, ја кажува својата желба друго момче.

„Шест, седум“, вели друго девојче.

„До шест килограми, но јас веќе ослабнав седум килограми“, објаснува едно момче.

Децата доаѓаат во Клиниката за деца и младинци „Белиц-Хајлштетен“ поради физички, но и психички проблеми предизвикани од прекумерната тежина.

„Ние имаме деца на возраст во просек од пет до 18 години, кои кај нас доаѓаат поради различни причини. Еден дел, како што можете да видите, доаѓаат поради дебелината, односно зголемената тежина, а најголем дел и поради придружни болести, без оглед дали физички, на пример вредностите во крвта не се соодветни, почеток на шеќерна болест, но има и многумина поради психичко оптоварување“, објаснува Мајке Пеларин од Клиниката за деца и младинци „Белиц-Хајлштетен“.

За околу шест недели тинејџерите учат како вистински да се исхрануваат и пред се’ како правилно да се движат.

Symbolbild übergewichtiges Kind
За да ги намалат килограмите, децата јадат по шест помали оброци на ден, а слатките се на менито само понекогашФотографија: Fotolia/Jaimie Duplass

„Вакво нешто немам правено дома или, пак, на училиште“, вели Ерик Коте од Бранденбург, кој веќе ги помина првите две недели од терапијата. Тој тежи 105 килограми. Како и многу други тука и тој долго време страда поради својата тежина.

„Во седмо одделение, а сега сум во десеттото, имав училишни проблеми и се’ повеќе се повлекував во себе. Постојано играв Плејстејшн и се’ повеќе јадев, па веќе го немав тоа чувство на заситеност“, објаснува Коте.

Тој не е исклучок. Се’ повеќе деца имаат прекумерна тежина.

„Ако се погледне каква е дневната рутина на децата денес, ќе се види дека им останува се’ помалку време да се движат во природа. А, еден час по физичко во неделата, или два или три часа - тоа не е доволно. И ако се оди и еден час неделно во спортски клуб - тоа не е премногу“, смета Мајке Пеларин од Клиниката за деца и младинци „Белиц-Хајлштетен“.

Годишно околу 650 деца со прекумерна тежина се третираат во клиниката во Бранденбург. Времињата за јадење се точно определени. Дневно има по шест мали оброци, кои се многу поздрави и во кои само понекогаш има слатки.

„Ова е вистински тешко во меѓувреме да не се лапне воопшто чоколадо“, вели пациентот Ерик Коте. Тој е одлучен да ја намали тежината и му успеа да ослабне четири килограми. На прашањето - како треба ова да продолжи, вели:

„И натаму надолу со килограмите, во секој случај“, вели Коте.