1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Помрачување во Источна Европа

24 јануари 2012

Романските градови се зафатени од улично насилство. Словачка се подготвува повторно да избере популист. Унгарија ја алармира ЕУ со ерозијата на демократските права. Анализа на Асошиејтед Прес

https://p.dw.com/p/13lp0
Протести во РоманијаФотографија: Reuters

Во земјите од поранешниот советски блок кои денес се дел од ЕУ, фрустрацијата расте поради економската стагнација и лошото владеење со што се охрабруваат уличните протести и непредвидливост која може да ги загрози развојот и стабилноста на и онака проблематичниот дел од континентот.

Многу од проблемите се реалност и далеку од овој регион: задолжени земји кои ги зголемуваат даноците и ги намалуваат државните трошоци за да останат солвентни. Но дополнителниот товар доаѓа во регион кој и онака беше обременет со многу подлабока сиромаштија и корупција во однос на западните земји, уште пред да удри кризата.

Ескалација во Романија

Деновиве, кризата најдраматично ескалира во Романија, каде незадоволството од владата и еродирачкиот стандард на живеење, експлодираше во повеќедневни улични протести кои на моменти стануваа и насилни. За време на минатиот викенд во Букурешт беа повредени повеќе од 60 луѓе во судирите со полицијата.

„Она што се случи викендот е само почеток. Се наоѓаме во важна изборна година и ваквите конфронтации ќе зачестат. До што ќе доведат тие кога никој не сака да попушти“, се прашува Габриел Бејан, колумнист во весникот Романија либера.

И Унгарците се’ почесто излегуваат на улиците последниве месеци во знак на протест против новиот устав и серијата закони со кои се концентрира моќта во рацете на владејачката десничарска партија Фидеш, на премиерот Виктор Орбан.

Proteste in Rumänien gegen Gesundheitsreform
Фотографија: picture-alliance/dpa

Американската организација Фридом Хаус, која ги следи политичките и граѓански слободи ширум светот, во најновиот извештај објавен деновиве предупредува на „растечки нелиберализам“ во Централна Европа. Во извештајот се потенцира влошената клима во земјата како резултат на заканите врз независноста на печатот и на судството.

Со ваквиот заклучок се согласи и Европската комисија која мината недела отвори правна постапка против Унгарија поради новиот устав и законските промени со кои се нарушуваат независноста на Централната банка и судството.

Полска единствен светол пример

Во Словачка, пак, анкетите предвидуваат враќање на власт на поранешниот премиер, левичарот Роберт Фицо, на изборите закажани во март годинава. Фицо во минатото го загрижуваше западните дипломати со неговата поддршка на Русија за време на војната со Грузија и прославата на кубанската револуција.

Сепак, за разлика од проблемите ширум регионот, засега има и една светла точка. Тоа е Полска. Најголемата од 10-те поранешни комунистички земји кои и се приклучија на ЕУ во 2004-та, Полска во последниве години ужива респектабилен економски раст, благодарение пред се’ на големите инфраструктурни проекти во пресрет на европското фудбалско првенство, закажано за годинава.

Економистите стравуваат дека и полската економија би можела да го загуби здивот по завршувањето на ЕУРО 2012, особено по стапувањето на сила на најавените мерки за штедење со кои треба да се запре растот на државниот долг.

Неправедната приватизација е коренот на проблемите

Но, засега револтот очигледно е најголем во Унгарија и Романија, каде актуелните настани се во тесна врска со оставштината на поранешната комунистичка управа.

Ungarn Budapest Proteste gegen neue Verfassung
Фотографија: REUTERS

Кристофер Чиверс, политички аналитичар кој ги студирал револуциите во поранешниот комунистички блок, вели дека голем дел од денешните неправедни состојби се последица на пребрзиот преод кон пазарна економија на почетокот на 1990-те години.

Кога се приватизираа големите државни индустрии, во најголем дел, единствено поранешните комунистички апаратчици знаеја како да го изманипулираат системот за да дојдат до нив и да ги превземат.

„Тие кои го знаеја начинот, поранешните режимски функционери, успеаја да дојдат до огромна државна сопственост, со што се зацементира нивната позиција во општеството и во државата“, вели Чиверс, кој е и професор на Европски студии на Универзитетот Џон Хопкинс.

Токму тука е болката и на многу Романци, денес.

„Се’ уште остануваат неразјаснети прашања околу приватизацијата во 90-те години“, вели Кристина, Романка која бараше да остане анонимна, бидејќи работи во државна институција и стравува од одмазда.

Автор: БГ/ап

Редактор: А.Трајковска