1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Понекогаш поскапото е поисплатливо

1 април 2010

Македонија може да постигне енергетска независност, да отвори нови работни места и да ја намали зависноста од увоз ако ја зголеми примената на обновливи извори на енергија. Што препорачуваат странските експерти и МАНУ?

https://p.dw.com/p/MjoB
Енергија добиена од ветерФотографија: AP

Kако Македонија да го искористи германското искуство во примената на обновливите извори на енергија? Дека тие можат да се употребат во македонски услови, тврди Ралф Бергман, експерт за животна средина од германската сојузна покраина Саксонија Анхалт. На своите домаќини им се пофали дека неговата покраина, по број на жители слична на Македонија, е една од сојзуните покраини која најмногу ги искористува обновливите извори на енергија.

“Мислам дека Македонија има потенцијал за искористување на обновливите извори, пред се‘ мислам на ветерот и био масите и енергијата од водата. Пред се‘ треба да се испита поконкретно каков е потенцијалот за користење на овие извори и да се направи еден микс на сите можности за обновлива енергија“.

Германското искуство покажува дека енергијата од алтернативните извори е поскапа, но долгорочно бенефитите се големи. Еколошкиот аспект е само една од бројните придобивки. Затоа алтентернативните извори стануваат се‘ поискористени во Германија.

Flash-Galerie Erneuerbare Energien in Deutschland
Искуствата на Германија со обновливите енергии се позитивниФотографија: picture-alliance/ dpa

Засега енергијата од обновливи извори во Македонија е скапа

Сликата во Македонија е малку поинаква.

Сега едвај 13 проценти од вкупното производствто на енергија е од обновливи извори. Најголемо учество имаат големите хидроцентрали и биомасите. Малите хидроелектрани учествуваат со само 5 проценти, ветерот со 4, сонцето со само 1 процент во вкупно произведената енергија.
Поради ниското ниво на искористеност, енергијата од обновливи извори е скапа, предупредуваат домашните енергетски стручњаци. Производствтото е мало, а трошоците за добивање на електрична енергија од ветар, сонце и вода огромни, вели професорот Рубин Талески.

“Прво, се зголемува цената кај последните потрошувачи, да се биде внимателен до кај се оди со зголемување на обновливите извори, ветерните електрани на пример создаваат и технички проблеми“, вели Рубин Талески- универзитетски професор.

Инвестиции од околу една милијарда евра

Во енергетската стратегија на МАНУ е предвидено до 2020-тата година 20 проценти од вкупното производство на енергија да биде од алтернативните извори. За да се постигне оваа зацртана цел во наредните десет години се неопходни инвестиции од околу милијарда евра. Наташа Марковска од МАНУ објаснува:
“За да се постигне тој процент, треба да се зголеми производството на обновливите извори, но и да се намали потрошувачката на финалната енергија“.

Mazedonische Akademie für Wissenschaft und Kunst
МАНУФотографија: Petr Stojanovski

Гостинот од Магдебург се согласува дека производството на енергија од обновливи извори е скапо, но нагласува дека на долг рок е сепак поисплатливо. Овозможува енергетска независност, отворање на нови работни места, ја намалува зависноста од увоз.

“Се разбира дека производството на енергија чини пари. Тоа се однесува како на фосилната енергија, така и на обновливите извори на енергија. Но користењето на обновливите извори долгорочно е поисплатлив процес. Користењето на јаглен и другите фосилни извори треба да се сочува за идните генерации“, вели експертот од Германија.

Автор: Горан Петрески

Редактор: Жана Ацеска