1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Понудата уште не му е официјално доставена на Иран

Јерг Пфул3 јуни 2006

Германскиот министер Штајнмаер очекува дека Иран ќе ја прифати понудата од Западот во врска со атомскиот спор

https://p.dw.com/p/Ac66
Франк-Валтер Штајнмаер
Франк-Валтер ШтајнмаерФотографија: AP

Подробности од пакет-понудата до Иран во врска со атомскиот спор, што ја подготвија петте постојани членки на Советот за безбедност на ОН и Германија, не се познати. Таа уште официјално не му е доставена на Иран, оти во Техеран ќе биде лично однесена од некој претставник на предлагачите. Затоа, досега и не може да има официјална реакција на самата понуда. Од пакетот е сигурно само дека од Иран се бара, барем засега, да го запре облагородувањето на ураниум. Тоа, пак, постојано е отфрлано од страна на Техеран.

Германскиот министер за надворешни работи Франк-Валтер Штајнмаер, кој и натаму полага врз разумноста на иранското раководство да се избегне ескалација и да се бара дипломатско решение, за време на посетата на Турција ги наведе причините зошто верува дека оваа понуда веројатно ќе биде прифатена, иако е многу слична на одбиената европска од пред две години: „Мислам дека одлуката на американската влада да учествува на такви преговори на решавачки начин го ревалоризира нашиот преговарачки пакет“.

Иранците сега ќе се обидат да испитаат дали и Русите и Кинезите стојат зад заканите со санкции во случај на одбивање на пакетот. Од решавачко значење исто така ќе биде и дали со предлогот барем долгорочно за Иран се отвора опција за сопствено облагородување на ураниумот. Инаку, тешко дека би можеле да си го зачуваат образот тие во земјата, што се за преговори. Писмото што пред три недели иранскиот претседател Ахмадинеџад му го упати на Вашингтон покажува дека и најголемиот застапник на „тврда линија“ е заинтересиран за контакт.