1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Понуда и одбивање

25 април 2008

Понуда на радикално-исламистичката организација Хамас, до Израел: шестмесечен прекин на огнот во појасот Газа, кој мора да биде обостран и да донесе крај на изралеската блокада и отворање на граничните премини кон Газа.

https://p.dw.com/p/DoL0
ГазаФотографија: picture-alliance / dpa

Според Хамас, со ваквиот прекин на огнот би се согласиле и Исламски Џихад и другите милитантни палестински организации. Во име на Хамас прекинот на огнот го понуди високиот претставник на таа организација, поранешниот палестински министер за надворешни работи, Махмуд Сахар. Тој тврди дека понудата на Хамас во иднина би требало да се прошири и на Западниот брег.

Студен одговор на Израел

Израел на понудата реагира студено и тврди дека Хамас понудата ја доставил само за да може во тој период да се соземе од борбите во последните недели и да се прегрупира. Израелската влада изминатите денови повеќепати нагласи дека со Хамас не сака да води ниту директни, ни индиректни разговори за прекин na огнот. За израелската армија да запре со своите акции, Израел за возврат бара веднаш да запрат секојдневните ракетирања врз пограничните места.

Палестинската држава не смее да биде „швајцарско сирење“

Во меѓувреме, палестинскиот претседател, Махмуд Абас, во Вашингтон се сретна со американскиот претседател, Џорџ Буш, и изјави дека времето притиска и дека не смее да се троши попусто. На патот на мировниот процес нема цвеќе, туку пречки, рече Абас, кој од неговиот домаќин, Џорџ Буш, беше уште еднаш уверен дека за САД создавањето независна палестинска држава има голем приоритет.

Буш индиректно ги критикуваше израелските планови за изградба на доселенички наслеби на палестинска територија: „Оваа држава за мојата влада е многу важна. Таа мора да биде способна да опстои и не смее да изгледа како швајцарско сирење, туку треба да донесе надеж“, рече Буш и најави дека во мај ќе отпатува повторно на Блискиот исток.