1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Нема попис на население на урнатини

А.Славниќ/ С. Хусеиновиќ/ С. Недевски15 октомври 2013

Во Босна и Херцеговина завршува пописот на население (1.-15.10.). Што мислат за пописот Хрватите и Бошњаците во Република Српска, а што Србите во Федерацијата БиХ?

https://p.dw.com/p/19zgJ
Фотографија: Agencija za statistiku BiH

Драган Јуричевиќ цели години бил бегалец во Германија. Во 2000. година се вратил во Котор Варош каде некогаш живееле околу 11.000 Хрвати. „Денес ги има само неколку стотини, но вистинската состојба е можно да се утврди по завршувањето на пописот на население“, вели Јуричевиќ. Со првиот попис на населението во самостојна Босна и Херцеговина Јуричевиќ е делумно задоволен.
„Како лице кое порано работело како попишувач задоволен сум со однесувањето на попишувачите. Сѐ е извршено многу коректно. Како Хрват, не сум во потполност задоволен од Законот за попис, а незадоволен сум и поради тоа што враќањето на населението сѐ уште не е завршено“, вели Јуричевиќ.

Многумина не можеа да бидат попишани“

Јуричевиќ вели дека луѓето се повикани во Котор Варош да дојдат поради пописот. Но, многумина од оние кои дошле не можеле да бидат попишани. „Затоа што немаат куќи. Домовите не им се обновени. Нема домаќинства и попишувачите не знаат каде да ги заведат. Од друга страна, има случаи во кои во приватни домови се прават колективни центри во кои се попишуваат луѓето, што значи на крајот нема да ја имаме вистинската состојба“, вели Јуричевиќ.
Бошњачката од Котор Варош, Велида Диздар е задоволна од начинот на кој е попишано нејзиното семејство. Смета дека попишувачите се професионални и добро обучени. „Ми се допадна тоа што попишувачката во потполност не запозна со материјата, што ми ги прочита сите опции на одговори кои можат да се дадат. Беше многу коректна и не брзаше“, вели Велида.

Formular Volkszählung 2013 Bosnien-Herzegowina
Фотографија: Agencija za statistiku BiH

За попишувачите сѐ најдобро

Со ангажирањето на попишувачите е задоволен и Радомир Мичиќ, Србин од Илијаш. „Попишувачите професионално ја извршија својата работа. Немаше никакви непримерни сугестии, особено не околу прашањата кои ја третираат националноста, верската определба, мајчиниот јазик или државјанството“, вели Мичиќ.

Јово Јањиќ вели дека е меѓу првите Срби кои се попишани во сараевската општина Илиџа. „Мене и сопругата не попиша една убава, учтива девојка Милица. Беше многу внимателна и сѐ помина во најдобар ред“, вели Јањиќ. Јањиќ не е во потполност задоволен од начинот на кој се концепирани некои прашања во пописниот прашалник.

Збунувачки прашања

„Некои прашања ме збунуваа. Мислам на можноста за двојно изјаснување за државјанството. Ако сум се изјаснил како државјанин на БиХ, зошто има прашање во прашалникот за етничко државјанство? Јас мислам дека човек може да има само едно државјанство“, вели Јањиќ.

Тој вели дека, како претседател на Здружението на граѓани „Демократска иницијатива на сараевските Срби“, е запознат со деталите за пописот на српското население на подрачјето на Сараево и дека немало никакви приговори за процесот на пописот.