1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Попова Шапка на генерален „ремонт“

11 јануари 2012

По долги години застој туристичкиот и скијачки центар Попова Шапка оди на „генерален ремонт“. До 2015 година таа етапно ќе прераснува во мега – центар, наменет главно за клиентелата од европските и други држави во светот

https://p.dw.com/p/13hK0
Фотографија: CC/E01

Како главен инвеститор на проектот се јавуваат државните електрани на Македонија „ЕЛЕМ“.

Зошто? – го прашавме Димитар Танурков од менаџментот на оваа електроенергетска компанија. Тој вели:

„Електрани на Македонија’ ја имаат како свое друштво ’Попова Шапка’ и поради зголемувањето на профитабилноста на неговото работење ’ЕЛЕМ’ презема мерки во насока на развој на истоимениот туристички центар. Се очекува дека со тој развој ќе треба да остварува приход, за да може самиот центар и тоа друштво да работаат со профит.“

Мини – вештачко езеро, заради производство на вештачки снег

Перо Димитриевски, директорот на Друштвото „Попова Шапка“ во состав на „ЕЛЕМ“, конкретизира со бројки:

„До 2015 година треба да се вложат од 60 – 80 милиони евра. Прво, треба да се постават две жичници: една четвороседна и една шестоседна. Потоа, да се направи катна гаража во 2012 година, во која во првата фаза ќе треба да се инвестираат од 15 – 25 милиони евра. Во текот на викендите има до околу 3 илјади скијачи дневно. Со тие вложувања планираме да стигнеме до бројката од 15 илјади скијачи дневно. Проектот содржи замисла да се изгради и едно помало вештачко езеро, кое ќе служи за производство на вешталки снег, во ситуации кога го нема природниот.“

Pero Dimitrievski Mazedonien
Перо ДимитриевскиФотографија: DW/Toevski

Танурков нагласува дека развојниот проект за Шапка треба да биде изготвен до пролетта во 2012 година, но и оти во меѓувреме веќе се започна со првите поситни вложувања:

„Проектот сметаме дека ќе биде затворен во февруари, или во март 2012 година. Во меѓувреме, се преземаат инвестиции од помал обем, за да може сезоната да се продолжи. Направена е хомологација и проширување на патеката ’Церипашина’. Реновирани се хотелите, поставивме осветлување на една од патеките, за да има и ноќно скијање. Со главниот проект се предвидува санација и ревитализација на хотелите ’Славија’ и ’Попова Шапка’, проширување на обемот на нивното работење и воведување нови услуги, својствени за познатите светски центри – спа, фитнес и друго. Со повисоката категоризација на двата хотела ќе се изврши зголемувањето на бројот на 275 – те легла, колку што имаат вкупно во овој момент. Пристапуваме кон анализа: дали е потребна санација на хотелот ’Славија“, можеби доградба на депанданси кон него, или градба на сосема нов, трет хотел.“

ADAC Pisten-Test
Фотографија: picture alliance/dpa

Дали Шапка треба да се „резервира“ само за побогатата и елитна светска клиентела?

Димитриевски заклучува:

„Во наредните години Попова Шапка ќе започне да изгледа каква што била порано, значи, да се вклучува во системот на врвни скијачки центри, посебно на Балканот, затоа што ги има своите квалитетни патеки и периодот со најмногу сончеви денови во текот на зимата.“

Сепак, наспроти овие амбициозни планови и инвестиции, остануваат предупредувањата на експертите за туризам дека не треба да се форсира само елитниот зимски туризам, туку и оној масовниот, за луѓето на кои не им требаат екстремно скијање, ниту хотели од „А“ категорија. Туризмолозите се категорични дека е потребна агресивна туристичка пропаганда за секој планински центар, кој сака да се најде на мапите на европските туроператори. Попова Шапка во последниве години има околу 10 илјади ноќевања во зимската сезона, со гости од Косово, Македонија и Албанија. Ќе се успее ли да се достигне, па дури и да се надмине 1985 – тата, кога имаше 50 илјади ноќевања со гости и од Данска, Холандија, Белгија и Луксембург?

Автор: Свето Тоевски

Редактор: Б. Георгиевски