1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Попоски: Без придавката „македонски“ нема прифаќање на извештајот на ЕК

ЕМФ/миа31 август 2012

Македонија нема да го прифати извештајот на Европската комисија за напредок на земјата за оваа година доколку во него не е содржана придавката „македонски“, изјави денеска министерот за надворешни работи Никола Попоски.

https://p.dw.com/p/161V7
Фотографија: AP

„Враќањето на придавката ’македонски’ би било логична работа и би го задржала кредибилитетот од аспект на оние вредности кои ги промовира Европската унија. Дали тоа ќе се случи или не зависи единствено од тие што го подготвуваат извештајот. Нашиот став го искажавме и мислам дека принципиелно, доколку тоа би се случило, би било нешто што би одело во вистинска насока. Дали Грција ќе се фокусира на отстранување на блокади и на дејствување во оној правец што е во интерес на сите земји од нашиот регион или ќе ја троши таа енергија на бришење придавки и додавки е исклучиво прашање на нивна одлука. Сакаме да видиме дека енергијата ќе ја фокусираат на првото, а не на второто“, рече Попоски на денешниот (31.08) брифинг со новинарите.

Во меѓувреме,се работи на тоа на третата сесија од Пристапниот дијалог на високо ниво на 17. септември земјата да испорача што повеќе резултати, нагласи министерот:

„Нашите проценки се дека РМ од добивање на препораката за почнување на преговорите со ЕУ со секоја наредна година е поподготвена и тоа е нашиот најсилен аргумент за избивање на онаа политика на блокади, која ни е наметната“, вели Попоски кој очекува објективен извештај во октомври.

Нема одговор од Грција

Според него, од должничката криза во ЕУ проширувањето трпи, но не смее да се дозволи тоа да биде ставено во услови на заложништво, бидејќи од тоа последици трпи и Македонија со оглед дека е врзана за европскиот пазар. Попоски информира дека од Грција се‘ уште нема одговор по поканите на премиерот Никола Груевски за средби на секое ниво, во секој формат, место и време, по избор на грчката страна.

Во врска со можноста Македонија да побара прием во ОН под уставното име на претстојното Генерално собрание на Светската организација, шефот на дипломатијата вели дека тоа не е исклучено.

Следната недела шефот на дипломатијата ќе го придружува македонскиот претседател Ѓорге Иванов за време на посетата на Брисел, каде што се планирани средби со претседателот на Европскиот совет Херман ван Ромпој, претседателот на Европскиот парламент Мартин Шулц, еврокомесарот за проширување Штефан Филе и со генералниот секретар на НАТО Андерс Фог Расмусен.