1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Попоски во Истанбул даде поддршка за мирно решавање на сириската криза

СН/ЖА/миа/мф1 април 2012

Македонскиот министер за надворешни работи Никола Попоски, во обраќањето на средбата на групата „Пријатели на Сирија“ ги поддржа напорите за постигнување мир во оваа земја.

https://p.dw.com/p/14W4K
Фотографија: AP

Шефот на македонската дипломатија, Никола Попоски во Истанбул даде подршка на Мировниот план од шест точки на Кофи Анан и ги повика сириските власти за негова итна и целосна имплементација и ставање крај на насилствата. Тој во обраќањето на конференцијата на неформалната група „Пријатели на Либија“ ја нагласи принципиелната позиција на Македонија, како одговорен член на меѓународната заедница, за цврста поддршка на напорите на Обединетите нации и Арапската лига за мирољубиво решавање на сириската криза.

Воедно, Попоски, на крајот од своето излагање, истакна дека политичкото решение за кризата и демократската транзиција е во интерес на сирискиот народ, но исто така и во интерес на регионалната стабилност и глобалната безбедност, стои во соопштението на МНР.

На маргините на Конференцијата, министерот Попоски оствари повеќе кратки средби со претставници од други земји, меѓу кои, одвоена средба и со министерот за надворешни работи на Романија, Кристијан Диаконеску.

На средбата со неговиот романски колега, беа разменети мислења за политичките и економските односи меѓу двете земји, како и за прашањето за европската и евроатлантската интеграција на Македонија.

Министерот Попоски информираше за текот на реформските процеси и за отпочнувањето на Пристапниот дијалог на високо ниво меѓу Македонија и Европската комисија. Министерот Диаконеску ја истакна целосната поддршка на Романија во контекст на членството на Македонија во НАТО и во ЕУ.