1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Попоски во САД: Сите аргументи за блокада се истрошени

1 февруари 2012

Шефот на македонската дипломатија Никола Попоски од денеска (01.02.) до 3-ти февруари ќе престојува во САД, каде ќе учествува на традиционалниот молитвен појадок во Вашингтон организиран од претседателот Барак Обама.

https://p.dw.com/p/13u53
Македонскиот министер за надворешни работи Никола ПопоскиФотографија: AP

„Македонија ги исполни сите критериуми за членство во НАТО, очекува поддршка од сите земји членки на Алијансата и смета оти се истрошени сите аргументи за блокирање на нејзиниот напредок на тој пат“ , тоа е пораката што шефот на дипломатијата Никола Попоски ќе ја пренесе на средбите што ќе ги има денеска и утре во Вашингтон, информираат од македонското МНР.

Попоски во Вашингтон треба да се сретне со американскиот заменик-државен секретар Вилијам Барнс. Со него е планирано да се разменат мислења за евроатлантските интегративни процеси на Македонија во пресрет на самитот на НАТО во Чикаго, а ќе се разговара и за прашања кои ги засегаат двете страни, како и за теми од регионално и глобално значење.

Се очекува поддршка од сите, па и од Грција

Планирано е Попоски во Вашингтон да има средби и во американскиот Конгрес, во функција на продолжување на евро-атлантската интеграција на Македонија.

На 2 февруари тој ќе учествува на традиционалниот Национален молитвен појадок во Вашингтон, а ќе настапи и во Атлантскиот совет во Вашингтон, на тема „Македонија на патот кон НАТО: Чукајќи на отворена врата“.

„Со САД имаме секогаш многу отворен и конструктивен дијалог. Сметам дека денес е недосмислен фактот оти сите сакаат да ја видат Македонија час поскоро во НАТО. Од тој аспект пораката која сакаме да ја упатиме во претстојниот период е дека Македонија навистина ги има исполнето сите критериуми кои се неопходни за членство и мислиме дека од тој аспект кредибилитетот на процесот на евроаталантска интеграција треба да се задржи, со тоа што ќе ни се даде можност да седнеме на заедничката маса. Очекуваме поддршка од сите земји членки, вклучително и од нашиот јужен сосед. Мислиме дека аргументите навистина се истрошени за блокирање на напредокот на Република Македонија на овој пат“, изјави Попоски пред заминувањето за САД.

Mazedonien NATO Mazedonische Fahne und NATO Fahne
Знамињата на Македонија и на НАТОФотографија: DW / Petr Stojanowski

Автор: Александар Методијев /СН/макфакс/миа

Редактор: Ж.Ацеска