1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Попоски: Иницијативата на еврокомесарот Филе - добредојдена

ЖА/макфакс16 јануари 2013

Македонскиот министер за надворешни работи Никола Попоски ја поздрави иницијативата на еврокомесарот Штефан Филе за трилатерална средба со шефовите на македонската и грчката дипломатија.

https://p.dw.com/p/17Kug
Фотографија: AP

Министерот Попоски се изјасни дека не гледа ништо неповолно во иницијативата на еврокомесарот Филе, и смета дека таа може да придонесе кон градењето на доверба меѓу земјите вклучени во процесот на европската интеграција.

„Не е невообичаено во рамки на процесите на европските интеграции да се организираат средби меѓу претставници на земјите-членки и претставници на земји-кандидати. Во секој случај, за нас тоа е добредојдено, секоја комуникација којашто можеме да ја имаме. Секогаш сме биле отворени, така што не гледам ништо неповолно. Сметам дека е добра иницијатива, во позитивен контекст и мислам дека може само да придонесе кон дополнително градење на доверба меѓу земјите кои се вклучени во процесот на европска интеграција“, изјави Попоски.

Тој посочи дека решавањето на спорот за името останува во рамки на Обединетите нации.

„За тоа прашање многу е јасен мандатот на Обединетите нации. Многу е јасно каде се надминуваат разликите околу името кои постојат во македонско-грчките односи. Она што мислам дека може да биде позитивен елемент во еден таков контекст, или во еден таков разговор, е задржување на кредибилитетот на европските интеграции, нешто што е од клучно значење за Европската комисија и нешто во што мислам дека земја-членка на Европската унија која досега немала можност да го покаже конкретно, или не испочитувала определена обврска, ќе може да создаде определена клима за придвижување во таа насока. Така што мислам дека е добро и позитивно такви состаноци, такви разговори, да се случуваат. Во секој контекст тоа е плус“, изјави Попоски.

„Мислам дека сите имаат интерес за зачувување на кредибилитетот на европските интеграции, без никаков исклучок. Сметам дека секоја земја-членка на Европската унија има интерес за зачувување на тој кредиблитет и сметам дека клучни играчи во зачувувањето на тој кредибилитет треба да бидат оние што го предизвикале тој кредибилитет во минатото, а ние како земја-кандидат имаме интерес да бидеме конструктивен партнер во градење на таков дијалог што ќе ни овозможи надминување на непринципиелни пречки кои ни биле поставени во минатото“, изјави Попоски.