1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Попоски: Македонија е конструктивна кон соседите

АТ/ макфакс14 септември 2012

Во пресрет на посетата на еврокомесарот за проширување Филе на Скопје на третиот состанок во рамки на дијалогот ЕУ - Македонија, министерот Попоски подвлече дека Македонија нуди инцијативи за соработка со соседите.

https://p.dw.com/p/168wI
Фотографија: AP

Покрај средбите в понеделник во Скопје со државниот врв, се закажани и средби на еврокомесарот Штефан Филе со дел од лидерите на политичките партии.

„Се работи за трета серија разговори кои ги имаме во рамки на Пристапниот дијалог на високо ниво. Нашата цел беше да испорачаме што е можно повеќе, што е можно посуштински дел од реформите. Така ни беше пристапот. Мислам дека е многу значајно што навистина сме фокусирани да ги правиме овие клучни и најтешки реформи кои се извлечени како реформи кои ќе бараат најдолг временски период во процесот на преговори. Сe‘ она што ќе можеме во овој период да го исполниме ќе ни го скрати периодот за преговори од оној момент кога ќе добиеме и официјална покана за почеток на преговорите, а тоа сметаме дека го имаме заслужено одамна“, рече Попоски во пресрет на посетата на Филе.

За значењето на пристапниот дијалог посочи и евроамбасадорот Аиво Орав, кој одби да даде коментар за моменталната политичка состојба во Македонија. „Нема да коментирам внатрешни политички прашања во земјата. Се подготвуваме за посетата на комесарот Филе во моментов, така што луѓето во нашето претставништво се презафатени и се надевам дека ќе биде многу успешна посета. Овој Дијалог на високо ниво е екстремно важен за земјата, за владата, за опозицијата, за НВО-та, за обичните луѓе. Секој гледа на него на различен начин, но никој не може да оспорува дека ова не е важно. Затоа се надевам дека ќе биде голем успех“, рече Орав.

Aivo Orav
Амбасадорот на ЕУ во Македонија Аиво ОравФотографија: MIA

Попоски и Орав во петокот присуствуваа на обраќањето на Ректорот на Европскиот колеџ, Пол Демаре пред слушателите на Дипломатската академија при Министерството за надворешни работи, алумни студентите на Европскиот колеџ, како и претставници од универзитетите во Македонија.