1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Попоски од Бан бара почитување на пресудите од Хаг

Ерол Авдовиќ25 април 2012

Шефот на македонската дипломатија се сретна со генералниот секретар на ОН во Њујорк. Попоски не очекува покана за членство на самитот во Чикаго

https://p.dw.com/p/14kU9
Фотографија: AP

Во сосема краткото соопштение од кабинетот на генералниот секретар на Обединетите нации (ОН) Бан Ки Мун се вели дека во текот на средбата со македонскиот министер на надворешни работи Никола Попоски станало збор за придвижување во врска со решавање на спорот околу името. 

Грчката блокада во фокусот на разговорите

Во изјава за ДВ, Попоски сугерира дека Грција се уште се однесува ирационално во врска со спорот.

„Сосема спротивно Република Македонија е посветена на изнаоѓање начини кои ќе ни дозволат да ги приближиме сите земји од регионот заедно во НАТО и во ЕУ семејството. И се надеваме, во воведувањето на таа правна предвидливост и обезбедуването на кредибилитетот на институциите на ОН, дека ќе можеме да постигнеме еден позитивен резултат“, рече Попоски.

Тој како принципиелна ја оцени позицијата на Бан.

„Сметам дека неговата позиција е принципиелна. Мислам дека со афирмирање на кредибилитетот на сите институции на ОН, особено на Меѓународниот суд на правдата во ОН може сите само да добијат. Во тој поглед сметам дека позицијата на генералниот секретар да се има еден афирмативен пристап, односно сите земји да ги почитуваат одлуките на тие институции е позитивен став. И тоа може само да придонесе за зголемена предвидливост. Сметаме дека сите земји членки на Обединетите нации вклучително и Република Грција, треба со исто ниво на посветеност и почит кон овие принципи да дејствуваат. И тоа, дефинитивно би можело да донесе само позитивен развој за сите земји во нашиот регион“.

UNO General Sekretär Ban Ki-moon
Бан Ки МунФотографија: picture alliance ZUMA Press

Македонскиот министер потврди дека на претстојниот самит на НАТО во Чикаго не може да очекува Македонија да добие покана за членство.

„Не може да очекуваме дека агендата на самитот во Чикаго би била доминирана со прашањето за проширувањето. Беше јасно поодамна дека самитот ќе биде фокусиран на Авганистан и на теми од одбраната. Ние на сите овие прашања имаме дадено наш придонес. Тоа што го очекуваме е дека тој придонес ќе биде соодветно вреднуван и дека заслуженото членство ќе дојде час поскоро“, изјави Попоски.

Сочуство од Бан за злосторството кај Смиљковци

Состанокот со првиот човек на Светската организација во Њујорк, кој траеше околу 30-тина минути започна со сочуство од Бан Ки Мун за последните трагични настани во Скопје кога беа убиени пет лица.

„Генералниот секретар им изрази сочувство на семејствата на петте убиени македонски граѓани. Овој гнасен чин предизвика исклучителен револт од неговата страна. И мислам дека единствената реакција која би можела да се има по ваков чин е целосна згрозеност“, рече Попоски.

Blockierte Autobahn nach Tod von 5 Menschen in Mazedonien
Сочуство од Бан за убиството кај СмиљковциФотографија: DW/P. Stojanovski

Бан се интересирал и за текот на истрагата, изразувајќи надеж дека немилите настани нема да ги нарушат меѓуетничките односи во Македонија.

Бан и Попоски уште разговарале за состојбата во Сирија, како и за подготовките за големиот самит на самоодржливиот развој „Рио плус 20“ кој ќе се одржи во јуни годинава во Рио де Жанеиро.

Во Њујорк попладнето Попоски се сретнал и со медијаторот Метју Нимиц, а потоа замина за Вашингтон, каде до петок, ќе има состаноци во американскиот Конгрес и Стејт Департментот, но неговите соговорници се уште не се соопштени.