1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Попоски очекува објективен извештај од ЕК

АТ/ миа/ макфакс18 септември 2012

Македонскиот министер за надворешни работи Никола Попоски од ЕК очекува објективен извештај за напредокот на Македонија.

https://p.dw.com/p/16B3M
Фотографија: AP

„Конкретно разговаравме за најголемите остварувања по оние клучни реформи кои ги имаме - реформите во судството, медиумите, борбата потив корупцијата, она што го правиме како реформи во јавната администрација, економскиот дел. Сметаме дека и по овие прашања и во делот на политичките оценки, и во делот на применување на европските стандарди Македонија, никогаш не била поподготвена отколку што е сега. Во тој контекст очекуваме дека треба да добиеме еден објективен извештај, кој ќе ни укаже на сите полиња на кои имаме најголем напредок, но ќе ни помогне и во следниот период да можеме да се фокусираме на некои дополнителни реформи“, истакна министерот Попоски.

За добрососедските односи, прашање што вчера во Скопје го отвори еврокомесарот Штефан Филе, шефот на дипломатијата истакна дека Македонија гради добри односи со соседите, нуди иницијативи и проекти, работи на создавање позитивна клима на Балканот и очекува тоа да биде препознаено во претстојниот извештај на Европската комисија.

Mazedonien- Stefan Füle und Nikola Gruevski
Еврокомесарот за проширување и македонскиот премиерФотографија: MIA

„Добрососедските односи се логичен дел и од европската интеграција“, подвлече Попоски. Според него, и во претстојниот извештај на ЕК, како и во сите претходни, ќе биде посветено поглавје, како да се подобри добрососедската клима на Балканскиот полуостров.

Еврокомесарот за проширување од своја страна за Радио Слободна Европа, за добрососедските односи подвлекува: „Мислам дека како прво битно е да се каже дека нема дистинкција, сите соседи се важни за земјата кандидат, за земјата која сака да се приклучи кон Европската унија. Случајот за односот со Грција е очигледен - тоа е прашањето за името кое треба да се реши. Дополнително на односите со Грција, сe’ почесто слушам за односите и комплексноста на односите со Бугарија. Слушам голем број изјави од бугарски претставници кои се осврнуваат врз проблемите во односите меѓу Софија и Скопје. Тоа треба да се реши, тоа треба да биде водено од политичарите од двете страни. Политичарите од двете страни ја имаат одговорноста. Патот кон ЕУ минува низ добрососедските односи и ако сакате да станете добар член на Унијата, единствен можен начин е во исто време да стaнетe добар сосед“, изјави Филе за Радио Слободна Европа.