1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Попоски побара датум за преговори и од новиот евроамбасадор

2 март 2012

Новиот амбасадор на ЕУ во Македонија, Аиво Орав на шефот на македонската дипломатија, Никола Попоски му ги предаде копиите на акредитивните писма.

https://p.dw.com/p/14DO0
Македонскиот министер за надворешни работи Никола ПопоскиФотографија: AP

Македонскиот министер за надворешни работи Никола Попоски на денешната (02.02.2012) средба со новиот евроамбасадор во Скопје, Аиво Орав побара одредување датум за старт на пристапните преговори на Македонија со ЕУ уште за време на данското претседателство.

Попоски, како што соопштија од МНР, очекува естонскиот дипломат со своето познавање за Македонија да даде личен придонес за динамизирање на евроинтеграциите на земјата.

„Министерот Попоски се заложи за што поскоро донесување на одлуката за отпочнување на пристапните преговори од страна на Советот на ЕУ, за време на данското претседателство, а согласно повеќекратните препораки на Европската Комисија и Европскиот Парламент“, велат од МНР.

Орав во понеделник кај Иванов

Попоски брифирал и за средбата на македонскиот и грчкиот премиер, Никола Груевски и Лукас Пападимос, истакнувајќи дека Македонија останува конструктивно ангажирана во разговорите што се водат под покровителство на ОН и е искрено заинтересирана што поскоро да се дојде до заемно прифатливо решение и за поинтензивна комуникација и контакти со Грција на сите нивоа.

Mazedonien Land und Leute EU-Vertretung Gebäude in Skopje
Канцеларијата на ЕУ во СкопјеФотографија: Petr Stojanovski

Амбасадорот Орав, од своја страна подвлекол дека е од особена важност перспективата за членство во ЕУ да се одржува силна и видлива.

„Мојот мандат тука е да го застапувам и бранам интересот на Европската Унија, а интересот на Унијата е земјата кандидат што поскоро да стане членка на ЕУ“, рекол Орав.

Се осврнал на важноста на реформите што земјата ги исполнува, особено оние од сегментот владеење на правото, јавната администрација, економијата, како и на спроведувањето на Охридскиот рамковен договор. Исто така изразил надеж за што поскоро изнаоѓање на решение на спорот за името со Грција.

Орав в понеделник ќе ги предаде акредитивите на претседателот Ѓорге Иванов.

Автор: СН/ АТ/ миа/ мф

Редактор: А.Трајковска