1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Попоски се сретнал со Димас

СН/ЖА/миа23 март 2012

Македонскиот министер за надворешни работи Никола Попоски, кој престојува во повеќедневна посета на Брисел, вчера (22.03) се сретнал и со неговиот грчки колега Ставрос Димас.

https://p.dw.com/p/14Pgr
Фотографија: AP

Повеќе детали за кажаното на средбата нема, јавува агенцијата МИА. Попоски, кој во Брисел престојува до недела (25.03), вчера на покана на високата преставничка на Европската унија за надворешна и безбедносна политика Кетрин Ештон, учествуваше на состанокот на министрите за надворешни работи на земјите членки на Унијата и земјите кандидати.

На состанокот, меѓу другото, се дискутирало за актуелните прашања од надворешната политика на ЕУ.

Најавено е дека денеска Попоски ќе се сретне и со министрите за надворешни работи на Шпанија Хозе Гарсија Марфил, на Кипар - Ерато Маркулис и на Србија - Вук Јеремиќ, како и со советникот во Европската служба за надворешна акција и олеснувач во дијалогот меѓу Белград и Приштина - Роберт Купер.

На агендата на министерот е и церемонијата по повод пристапување на Македонија во механзмот и финасискиот инструмент за цивилна заштита на Европската унија, која е организирана од страна на Европската комисија. На церемонијата ќе учествува комесарот Кристалина Георгиева, одговорна за меѓународна соработка, хуманитарна помош и одговор на кризи, како и директорот на Дирекцијата за заштита и спасување Шабан Салиу.

Предвидено е министерот Поповски и комесарот Георгиева да одржат и билатерална средба на која ќе стане збор за соработка во областите од нејзината надлежност како и за европската интеграција на Република Македонија.