1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Попоски ќе работи на евроинтеграциите и промоција на земјата

1 август 2011

Новиот шеф на македонската дипломатија Никола Попоски денеска ја презеде функцијата од неговиот претходник Антонио Милошоски. Попоски вети напредок во евро-атлантските интеграции на земјата и подобрување на дипломатијата

https://p.dw.com/p/127pM
Новиот шеф на македонската дипломатија Никола ПопоскиФотографија: Petr Stojanovski

Евроатлантските интеграции, бизнис и туристичка промоција на Република Македонија и унапредување во функционирањето на дипломатската служба се трите клучни приоритети на новиот министер за надворешни работи Никола Попоски, кој денеска ја прeзеде должноста од досегашниот шеф на дипломатијата Антонио Милошоски.

„Во прв ред е напредокот во евроатлантските интеграции. На надворешен план промоцијата на Република Македонија како успешна дестинација за бизнис и за туризам ќе биде дополнителен критериум врз основа на кој ќе може вие да го оцените напредокот кој ќе го оствариме. На внатрешен план ќе бидеме крајно фокусирани на континуирано подобрување во функционирањето на дипломатската служба како гаранција за успехот кој верувам дека ќе го постигнеме“, рече Попоски.

Попоски на министерската функција доаѓа од местото амбасадор во Европската унија. Ќе го замени Антонио Милошоски кој раководеше со ресорот во изминатите 5 години. На примопредавањето, Милошоски истакна оти е сигурен дека Попоски ќе има можност да ги унапреди дополнително сите оние започнати процеси кои што се од интерес за Македонија, а кои што се во тек како проекти на МНР.

По победата на ВМРО-ДПМНЕ на предвремените избори во јуни годинава, Милошоски се повлече од функцијата, цитирајќи семејни причини. Тој беше избран за пратеник во новиот парламентарен состав и е назначен за претседател на собраниската Комисија за надворешна политика.

Автор: БГ/ЖА/миа

Редактор: Жана Ацеска