1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Попусти за даночните затајувачи

К. Блајтер/Б. Георгиевски6 февруари 2014

Одново во германската јавност се појавија имиња на познати личности кои самите се пријавиле пред властите дека прикривале данок на сметки во странство. Јавноста реагира на малите казни кои притоа ги добиваат.

https://p.dw.com/p/1B3TK
Фотографија: Fotolia/46700946

Веќе подолго време во Германија се редат имињата на познати личности откриени дека криеле пари „на сигурно“ далеку од очите на даночните власти во земјата. Тие доаѓаат од сите сфери на јавниот живот: спортски функционери како Ули Хенес, поранешниот директор на германската пошта Клаус Цумвинкел, политичари, актери, итн.

Државниот секретар за култура од редовите на социјалдемократите Андре Шмиц минатата недела мораше да поднесе оставка откако беше откриено дека на сметка во швајцарска банка чувал околу 420 илјади евра. Во истиот период во центарот на вниманието на јавноста се најде и Алис Шварцер, најпознатата германска феминистка, издавач на списанието „Ема“ и борец за женските права. Таа уште во 80. години на минатиот век отворила сметка во Швајцарија. Шварцер тврди дека сметката ја отворила во период кога, поради бројните закани кон неа, размислувала да се пресели во Швајцарија. Таа тврди дека самата им ја пријавила на германските власти сметката во странство и веќе уплатила 200 илјади евра кај даночните власти, со што ги покрила сите побарувања. Шварцер смета дека сега се води кампања против нејзината личност и ставовите кои ги застапува.

Alice Schwarzer
Алис ШварцерФотографија: Johannes Eisele/AFP/Getty Images

Сепак, дури ни политичарката на Зелените Катрин Геринг Екарт, без разлика на блискоста во ставовите со Шварцер, не може да најде оправдување за нејзините аргументи. „Доколку некој сторил грешка, треба да го прифати тоа, а не да се претставува како жртва“, вели Екарт.

Простување на гревовите

Новите открија повторно ја отворија дебатата за прифатливоста на праксата, оние кои самите ќе се пријават дека затајувале данок да добијат само парична казна. Сѐ повеќе политичари сметаат дека треба да ѝ се стави крај на таквата политика на државата. Прикривањето на данокот е еднакво тешко кривично дело како и кражбата или поседувањето наркотици. Кај овие дела виновниците не се ослободуваат по признанието.

„Мора да разговараме за тоа дали самопријавувањето кое води кон ослободување од вината е во духот на времето“, вели пратеникот на социјалдемократите Хубертус Хаил. Ралф Штегнер од СПД вели дека ваквата пракса го потсетува на „остаток од феудалните односи“ каде искреното покајување води кон простување на гревот. Во конкретниот случај, вели Штегнер, не се работи за покајување туку едноставно за страв од одење во затвор.

Всушност, меѓу најгласните противници за укинување на оваа можност се токму германските даночни обврзници. Имено, секојпат кога во јавноста ќе се појави информација дека во рацете на даночниците стигнала нова информација за даночна оаза во која Германци имале банкарски сметки, се случува вистинско стампедо во даночните управи каде граѓаните самите се пријавуваат. За волја на вистината, најголемиот дел од оние кои се пријавуваат воопшто и не се на списоците на германските власти. За да се дојде до нивните имиња ќе биде потребно многу повеќе од едноставно зголемување на бројот на даночните инспектори.

Zum Thema - Uli Hoeneß muss vor Gericht
Ули Хенес ќе мора пред суд да одговара за даночните затајувањаФотографија: Reuters/Michaela Rehle

Проблем- даночните оази

Од друга страна, веќе постои лимит од еден милион евра кои едно лице може да ги прикрие. За сѐ над таа сума не помага ниту самопријавувањето, туку престапникот го чека затвор. Поради тоа некои политичари, како министерот за финансии во покраината Северна Рајна Вестфалија, Норберт Валтер- Борјанс смета дека треба да се посвети повеќе внимание на рокот на застарувањето, како и на максималниот износ по кој би бил можен некаков договор со даночните власти. Бидејќи кога се работи за големи суми, тоа не може да значи дека дошло до грешка, туку е јасно дека „постоел свесен обид за измама кон даночното биро“, вели Валтер- Борјанс.

Иако конзервативните политичари се далеку повнимателни кога е во прашање самопријавувањето, нивниот финансиски експерт Норберт Бартле смета дека проблемот треба да се решава на неговиот извор. „Нам ни е потребна постапката на самопријавување сѐ додека постојат даночни оази. Само така државата може да дојде до даночните пари кои и припаѓаат“, вели Бартле.