1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Поради Сирија се тресе и Либан

Е. М. Фиданоска дпа/дапд/дв22 октомври 2012

Состојбата во Либан не се смирува. Вчеравечер (21.10) повторно се пукаше. Се прелева ли сириската граѓанска војна врз лабилниот сосед?

https://p.dw.com/p/16UDA
Фотографија: Reuters

По погребната церемонија за врвниот функционер на либанската тајна служба убиен во петокот (19.10), во либанскиот главен град Бејрут повторно дојде до огнени престрелки, јави арапската телевизија Ал Џазира.

При обидот на приврзаниците на опозицијата да го нападнат седиштето на про-сириската влада на Либан беа повредени повеќе луѓе. Полицијата интервенираше со тенкови и употреби солзавец за да ги запре напаѓачите. За бројот на повредените нема податоци.

„Ја изразуваме нашата тага и болка поради смртта на Висам ал-Хасан, поради нашата земја и поради Рафик Харири. Бараме од премиерот Наџиб Микати да поднесе веднаш оставка, бараме веднаш да си оди“, изјави жена која учествуваше во демонстрациите.

На маргините на официјалната погребна церемонија за жртвите од атентатот, илјадници демонстранти вчера (21.10) се собраа на централниот плоштад и притоа дојде до безредија.

Libanon Beirut Ausschreitungen
Фотографија: Reuters

Конфликтот во Сирија станува сериозен тест и за состојбата во соседен Либан. Приврзаниците на анти-сириското движење за иднина имаат намера да ја принудат владата на оставка. Според набљудувачите, зад нападот што се случи во петокот, а во кој загина и моќниот функционер во либанската тајна служба Висам ал-Хасан, стои Дамаск. На погребната церемонија присуствуваа и либанскиот претседател Мишел Сулејман, како и шефот на владата, Наџиб Микати. Гробот на Ал Хасан е до гробот на поранешниот либански премиер Рафик Харири, кој беше убиен во напад во 2005. година. Ал Хасан беше шеф на тајната служба во времето на Харири. Исто како и во случајот со Ал Хасан, и за убиството на Харири се шпекулира дека Сирија учествувала во неговата организација. Сепак, докази за такво нешто досега нема.

Атентатот, во кој покрај Ал Хасан загинаа уште седум лица, го загрозува мирот во Либан кој е на стаклени нозе, со оглед на фактот дека земјата е длабоко поделена по прашањето на односот кон режимот во Сирија. Ал Хасан, кој беше жесток противник на Сирија, водеше истрага против поранешниот министер за информирање Мишел Самаха, кој е еден од најблиските сојузници на Дамаск во Либан. Самаха беше уапсен на 9. август и е обвинет за планирање терористички напади. Покрај него, обвинет во отсуство беше и шефот на сириската тајна служба Али Мамлук.