1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Поради страв од новиот птичји грип заклани илјадници птици

Маркус Римеле / Е.Милошевска Фиданоска5 април 2013

Стравот од новиот вирус на птичји грип Х7Н9 во Кина расте се‘ повеќе. Шест лица починаа како последица на болеста, а властите почнаа со колење птици. Покрај стравот од вирусот има уште еден проблем-недоверба во властите!

https://p.dw.com/p/18Adp
Фотографија: Reuters

Пазарот на улицата Донгху во Шангај е попразен од вообичаено. Тоа е така не само заради тоа што е државен празник во Кина. Особено е празно на штандот за пилешко месо. Може да се видат и луѓе со маски на лицето.

„Загрижен сум“, вели еден од купувачите. „Месо од кокошка, патка или гуска веќе не купувам, дури не сум расположен ниту да дојдам на пазар. Но, што да се прави, нешто мора да се готви.“

На пазарот има помалку муштерии, но јавниот живот во Шангај се одвива вообичаено и покрај смртните случаи кои се на насловните страници и и покрај тоа што не е разјаснето како точно се заразиле инфицираните.

Животните не покажуваат симптоми на болеста

Vogelgrippe in China
Фотографија: Reuters

Постоење на предизвикувачот на болеста првпат е докажано кај еден гулаб на југозапад од Шангај. Таму властите убија повеќе од 20.000 птици. Затворени се два пазари за пилешко месо. Од утре (06.04) во градот е забранета продажба на живи птици.

За разлика од досегашните предизвикувачи на птичји грип, животните заразени со вирусот Х7Н9 не покажуваат симптоми на болеста. Тоа го отежнува лоцирањето на изворот на заразата.

„Мислам дека заразата не мора да оди преку кокошки или гулаби на пазарите“, вели Жонг Нансхан, експерт за болести на дишните патишта во Гуангзу. „Мора да набљудуваме и други видови птици - водни птици, диви птици, птици преселници. Мора да ја прошириме потрагата.“

Недоверба во властите

H7N9 Grippe China
На владата не и‘ се верува во однос на бројот на инфицирани и починатиФотографија: Reuters

Властите смируваат и тврдат дека нема знаци за пренос на вирусот од човек на човек. Шангај ги стави болници во состојба на готовност. Училиштата и домовите за стари лица се должни да пријават доколку забележат зголемен број заболени со висока температура и воспаление на белите дробови. Здравствените власти ветија транспарентност во третманот на птичјиот грип. Како што се вели - ќе се соработува со Светската здравствена организација. Сепак, многумина од граѓание не веруваат во државната политика на информирање.

„Не и‘ верувам на владата“, вели купувач на пазарот во Шангај. „Невозможно е да има толку малку случаи. Владата секогаш ги разубавува фактите. Ако велат дека има шест случаи, тогаш на тоа треба да се додаде уште една нула.“