1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Пораз на Шалке, но Штутгарт и Вердер не профитираа многу од тоа

Зоран Јордановски26 февруари 2007

Двојна победа на Германците на светското првенство во скијачко трчање. Хас го освои тенискиот турнир во Мемфис, Федерер го собори рекордот на Конорс

https://p.dw.com/p/Aegb
Курањи (Шалке) не успеа да го совлада Бут (Баер Л.)
Курањи (Шалке) не успеа да го совлада Бут (Баер Л.)Фотографија: AP

Во 23-тото на Бундеслигата од шесте екипи од врвот на табелата само Баерн успеа да забележи победа. Лидерот Шалке го доживеа првиот пораз по серија од 13 средби, притоа уште и дома и тоа од нестабилниот Баер Леверкузен со 1 спрема 0. Тренерот Мирко Сломка искажа и по некој збор на самокритика: "Ова беше многу несреќен пораз по еден контранапад, откако ние со силен притисок изработивме многу шанси во второто полувреме. Знаевме дека контранападот е силна страна на екипата од Леверкузен и веројатно не требаше толку многу да се отвориме. Но, безусловно сакавме победа. Јасно е дека овде дома секогаш сакаме да победуваме, имавме и најдобра можност за тоа, но не ја искористивме, што работата ја прави посебно горка”.

Шалке остана на 49 бодови, а предноста му е намалена за само еден бод, оти неговите конкуренти не успеаја да освојат повеќе: Штутгарт дома одигра 0 спрема 0 со Херта Берлин, а Вердер во Менхенгладбах 2 спрема 2 со тамошната Борусија. Штутгарт сега има 45, Вердер 43 бодови.

Вердер прими гол во последната минута од средбата. Оптимизмот не го напушти сосем Клаус Алофс, директор на екипата од Бремен: “Можеби тоа би било премногу едноставно – ние овде да победевме со ваква игра, а истовремено Шалке да загуби. Но, јас извлеков и нешто позитивно: ова што го прикажавме не е доволно за да си помислиме дека можеби сепак можеме да бидеме прваци и едноставно мораме да играме подобро”.

Бранителот на титулата Баерн во Минхен го совлада Волфсбург со 2 спрема 1 и фати чекор во борбата за место во Лигата на шампионите. Сега има три бода помалку од Вердер, пет од Штутгарт и цели 9 од Шалке. Отмар Хицфелд, преоден тренер на Баерн, му даде шанса на репрезентативниот напаѓач Лукас Подолски да заигра од почетокот и тој возврати со гол, што го постигна од пенал.

“Подолски ја оправда довербата со тоа што како млад играч, кој е под притисок, ја презеде одговорноста да изведе пенал. За тоа мора да му се симне шапка. Тоа беше врвно остварување” – оцени Хицфелд. Од агол на Подолски, пак, таа ситуација изгледа многу поедноставно: “Јас ја зедов топката и никој не ми ја одзема. Потоа ја ставив на белата точка и ја сместив в гол!”

Волфсбург падна на 11-тото место со 25 бодови - само два повеќе од претпоследнопласираниот Ајнтрахт Франкфурт. Исто толку има и Енерги по победата во Котбус над Арминија Билефелд со 2 спрема 1. Претстои досега невидена борба за опстанок. Покрај челната четворка, безгрижни се уште и Нирнберг на петтото место со 36 бодови, Херта зад него со 34, Хановер – кој по победата над Борусија Дортмунд има 33, и Баер Леверкузен со 32 бода – сите тие се во борба за место во Купот на УЕФА. Веќе деветтопласираната Борусија Дортмунд не може да се чувствува сигурна со 28 бодови.

Во шесте пролетни кола табелата доживеа големи промени. Кој би предвидел дека Мајнц ќе биде најуспешен тим во овој дел од првенството со пет победи, само едно реми и без пораз, со што се искачи до 10-тата позиција со само бод помалку од Борусија? Негова жртва во саботата беше Нирнберг, исто така извонредно успешен тим, кому ова му беше прв пораз во пролетниот дел. За победата од 2 спрема 1 посебно е заслужен Египќанецот Мохамед Зидан, стрелец на обата гола. “Се чувствувам како дома, добивам голема доверба од тимот, тренерот и клубот и овде сите ме сакаат” – вели Зидан, кој во зимската пауза дојде во Мајнц и веќе постигна шест голови во новиот дрес.

Голем скок направи и Хамбургер. Предводен од новиот тренер Хуб Стевенс ја забележа и третата последовна победа, овој пат против Ајнтрахт со 3 спрема 1, но Стевенс уште не е задоволен: “Во првиот половина час тоа не беше Хамбургер што радо би сакал да го видам. Не сакам да гледам лекоумен Хамбургер, а ние бевме лекомислени. Со борба и многу труд зграбивме малку среќа, но можеше да биде и 2 спрема 2”.

Хамбургер сега е на 13-та позиција со 24 бодови, колку што имаат и Алеманија од Ахен и Бохум, чиј меѓусебен дуел во Бохум заврши 2 спрема 2. Арминија падна на 16-то место со 23 бодови, колку што има и Ајнтрахт, додека Борусија Менхенгладбах е последна со 21.

Фудбалот во источна Германија повторно во негативна светлина

За жал, и на овој викенд фудбалот си го покажа и грдото лице. Во неделата изутрина група од 50-ина маскирани хулигани ги пресретнаа фудбалерите на регионалниот лигаш Динамо Дрезден кога одеа на тренинг, им се закануваа со истрели во воздух, веројатно од пиштоли-плашливци. Хулиганите и’ се закануваа и на телевизиската екипа, која снимала прилог за Динамо. Играчот Марко Форбек е крајно разочаран: “Вакво нешто досега не сум доживеал. Се прашувам дали не е подобро овде веќе да не играм, оти целата работа нема смисла ако мора да се живее во страв за сопствениот живот”.

По заканите против играчите поради претрпениот пораз, играчите на Динамо размислуваат дали воопшто да настапат на наредната првенствена средба во Диселдорф.

СП – скијање, нордиски дисциплини: двојна победа на Германците

На светското првенство во скијање во нордиски дисциплини, што се одржува во јапонскот зимски центар Сапоро, Германците прославија триумфална победа во скијачко трчање на 30 километри во трката на хронометар: прв е Аксел Тајхман со половина секунда предност пред сонародникот Тобијас Ангерер. “Си поставив цел да се качам на подиумот за победниците. Знаев дека сум способен за тоа и успеав” – рече Тајхман. “Се обидов, ризикував, но Аксел едноставно денеска беше за влакно подобар. Тој заслужено победи” – призна носителот на сребрениот медал Тобијас Ангерер.

Нојројтер втор во слалом

На слаломската трка од светскиот куп во алпско скијање пред домашната публика во Гармиш Партенкирхен 22-годишниот Феликс Нојројтер го освои второто место, што е најдобар резултат во неговата кариера. Победи Австриецот Марио Мат, трет беше неговиот сонародник Бенјамин Рајх. Нојројтер е син на Кристијан Нојројтер и Рози Митермаер, славни скијачи од 70-тите години на минатиот век.

Триумф на Хас во Мемфис

Германскиот тенисер Томи Хас по трет пат вкупно и втор пат последовно го освои турнирот во Мемфис. Во финалето тој го совлада Американецот Енди Родик со 6 спрема 3 и 6 спрема 2. Ова е 11-ти освоен турнир во кариерата на Хас.

Федерер: рекордно долго најдобар во светот

Швајцарецот Роџер Федерер е на чело на најновата ранг-листа на најдобрите тенисери во светот објавена денеска. Тој е веќе 161 недела последовно, односно повеќе од три години - од 2. февруари 2004 - без прекин најдобар во светот. Со тоа го собори рекордот на Американецот Џими Конорс, кој беше водечки во светот од 29. јули 1974 до 22. август 1977 година. Намјногу, но со прекини, прв на листата беше Американецот Пит Сампрас - вкупно 286 недели.