1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Порака до Македонија: помалку национализам, повеќе дијалог

18 февруари 2011

Европратениците неделава во Стразбур изразија големо жалење и загриженост поради последните случувања во Македонија, кои можат да го забават процесот на евроинтеграциите.

https://p.dw.com/p/R25c
Европарламентот во СтразбурФотографија: picture-alliance/ dpa / dpaweb

Европратениците неделава во Стразбур изразија надеж дека тоа што го направи Хрватска за својот напредок кон членството во Европската унија, може да послужи за пример и да биде направено и од другите земји од Западен Балкан.

Примерот на Хрватска треба да биде мотивација за Македонија и другите земји од Западен Балкан, сметаат многу европратеници.

„Многу е јасно дека сме искрени за европската перспектива за Западен Балкан, како и за помошта на земјите кои се на тој пат. Јас се надевам дека процесот ќе се забрза, а Македонија и другите земји ќе треба да покажат поголема одлучност околу реформите, бидејќи за граѓаните на овие земји е многу важно тие да станат побрзо членки на Европската Унија. Пораката која ја испративме е дека вратите на Европската унија се отворени и дека проширувањето не престанува со членството на Хрватска“, вели словенечката европратеничка Тања Фајон, која беше известувачот за визната либерализација за земјите од Западен Балкан.

EU Österreich DW-Interview mit Hannes Swoboda
Ханес СвободаФотографија: DW

„Завршувањето на преговорите ќе биде сигнал и многу силна мотивација за другите земји. Ние сме многу разочарани од развојот на ситуацијата во Македонија, Албанија и Босна и Херцеговина. Хрватска за нив треба да послужи како пример дека треба да си ги исполнат своите обврски и дека и за нив вратата е отворена“, додава известувачот за Хрватска, австрискиот европратеник Јоханес Свобода.

Повеќе внатрешен и дијалог со Грција

За тоа што треба да направи Македонија за да го забрза својот пат кон ЕУ, Свобода кој беше првиот известувач за Македонија во Европскиот парламент, е категоричен:

„Помалку национализам и поголема внатрешна соработка меѓу различните етнички групи и со Грција. Нашата позиција не е ниту против Грција, ниту против Македонија, потребно е тие да најдат решение меѓу себе без национализам, без повикување цело време на Александар Велики. Не е добро тоа што опозицијата во Македонија е надвор од парламентот, потребен е дијалог меѓу опозицијатата и владата меѓу македонското мнозинство и Албанците. Европа е дијалог, а не е однос на сили меѓу власта и опозицијата.“

Парламентот е место за опозицијата

„Не е убаво да се дискутира за разликите меѓу опозицијата и владата овде во Европската унија. Тоа е еден од проблемите на Македонија. Ја повикувам опозицијата, нејзината работа на опозиција да ја врши во Македонија, во парламентот, бидејќи не се плоштадите и улиците место за работа на опозицијата, туку парламентот. Завршете си ја работата на опозиција во парламентот, како сите опозиции во светот, а тука пред европските институции настапувајте обединето,“ нагласува германскиот европратеник Бернд Поселт.

Bernd Posselt / Europaparlament / EU-Parlament / Straßburg
Бернд ПоселтФотографија: bernd-posselt.de

Мартин Кастлер, европратеник од Германија и претседател на групата во ЕП „Пријатели на Македонија“, смета дека „единственото соодветно место за демократските процеси и сите демократски партии е парламентот. Ако во „Пријателите на Македонија“ можат заедно да работат групите на демохристијани, социјалдемократи и конзервативци за Македонија, тогаш македонските пратеници треба да бидат мудри и да го направат истото, вели тој. Во врска со настаните на скопско Кале, според Кастлер провокациите доаѓаат од неодговорни радикали од двете страни. Тој е многу задоволен што огромно мнозинство Македонци и Албанци не ги поддржуваат и се залагаат за стабилни меѓуетнички односи.

Нерешениот проблем за името-една од причините за новите тензии?

Известувачот за Македонија во ЕП, Зоран Талер смета дека за затегнувањето на меѓуетничките односи во Македонија и за последните настани што се случија во земјата, виновна е и блокадата на македонската интеграција во ЕУ и НАТО со нерешениот спор за името.

„Ако не дојде до договор со Атина, може да се очекува да се случат лоши работи. Непостигнувањето договор носи проблеми. Тоа е во надлежност на владејачката политика, засега нема знаци дека нешто такво ќе се одлучи. Тука зборуваме за одговорност, се знае што може да се очекува од Брисел, ние сме неколкумина кои притискаме на највисоките претставници во Брисел да направат повеќе, но тоа не се бара од Скопје“, заклучува Талер.

Zoran Taler
Зоран ТалерФотографија: Petr Stojanovski

ЕУ нема клуч за проблемот со името

Ако Поселт и Свобода имаат надеж за брза деблокада на преговорите околу името, лидерот на Зелените во Европскиот парламент, Даниел Кон-Бендит, околу проблемот за името и подигањето на блокадата за Македонија на патот кон Европската унија е јасен:

„Немаме клуч за Македонија...Не можеме да зборуваме за ништо, целосно е блокирано..."

Два месеци интензивни дискусии за Македонија во ЕП

Европратениците во наредните два месеци интензивно ќе се занимаваат со Македонија пред гласањето на резолуцијата предложена од Зоран Талер.

„Јас не очекувам дека ќе има големи промени, тоа се виде од дискусијата“, вели тој.

Но некои од европратениците од групата на Народните партии, како Поселт и Кастлер не се согласуваат со дел од изнесените позиции и веќе имаат предложено амандмани за промена на резолуцијата.

Автор: Тони Гламчевски

Редактор: Жана Ацеска