1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Поранешниот германски претседател Кристијан Вулф пред суд

Бернд Греслер / Александар Методијев14 ноември 2013

Кристијан Вулф мора да седне на обвинителна клупа. Тој ја брани честа пред суд - ја одби понудената спогодба од јавното обвинителство и сака да биде ослободен од обвинението за злоупотреба на службената положба.

https://p.dw.com/p/1AGhi
Фотографија: picture-alliance/dpa

Поранешниот сојузен германски претседател Кристијан Вулф од денеска (14.11.2013 година) седнува на обвинителна клупа. Ова за германски околности е сензација и претходно се нема никогаш случено. Обвиненијата се за злоупотреба на службена позиција, а за тоа следуваат парични казни или, пак, во најлош случај казна затвор до три години. Кристијан Вулф, кој беше сојузен германски претседател од јуни 2010 до февруари 2012 година, ќе мора лично да се појави пред судот, каде ќе го чекаат повеќе десетици камери.

Сите непријатни работи, кои на крајот доведоа до оставка, повторно ќе се подгрејат. Вулф е склон кон гламур, кон светот на богатите и убавите, земал контроверзен кредит за купување на неговата куќа, а одморите ги минувал во викендички на богати познаници. Тој одел на прослави и гламурозни вечери со пријатели, како што е филмскиот продуцент Давид Греневолд, кој исто така е обвинет.

Christian und Bettina Wulff und Filmunternehmer David Groenewold Archiv 2008
Кристијан Вулф фотографиран за време на Октоберфест во 2008 година заедно со неговата сега веќе поранешна сопруга Бетина, а во позадина е пријателот Давид ГреневолдФотографија: picture-alliance/dpa

Ќе се потсети и на срамното заканувачко јавување на Вулф кај главниот уредник на весникот „Билд“, кое откри нарушен однос на шефот на државата кон слободата на медиумите. Во меѓувреме од него разведената „прва дама“ Бетина и некои познати личности ќе мораат да се појават како сведоци.

Само конкретен случај на сомнение

Anwälte von Christian Wulff
Адвокатите на Кристијан ВулфФотографија: picture-alliance/dpa/Holger Hollemann

Екс претседателот би сакал да може да се поштеди од сето ова. Обвинителството нему му понуди откажување на процесот, доколку тој прифати парична казна, а стануваше збор за 20.000 евра. А, тоа не е нешто невозможно за 54-годишниот адвокат кого, како и сите негови претходници на претседателската функција, Службата на сојузниот претседател го опреми со годишен хонорар од 200.000 евра, како и со службено возило и канцеларија.

Но, Вулф одби и остави неговите адвокати да објаснат дека тие сакаат да се борат „за достоинството и правaта на екс претседателот Кристијан Вулф“. Неговите адвокати Бернд Мисиг и Михаел Нагел сметаат дека имаат добри шанси да ја тргнат стигматизацијата дека тој е криминалец. Случаите за кои тој се сомничи не се случиле за време на неговиот претседателски мандат, туку претходно, кога бил покраински премиер на Долна Саксонија. Затоа процесот ќе се одвива во кривичниот оддел на покраинскиот суд во Хановер.

Великодушен филмски продуцент

Во фокусот на јавното обвинителство е посетата на Вулф на Октоберфест во 2008 година, при која неговиот пријател и филмски продуцент Давид Греневолд платил дел од сметката за јадење и пиење, а ги покрил и трошоците за ноќевање. Се работи за сума од 750 евра.

Ex-Bundespräsident Wulff und Ehefrau Bettina trennen sich
По оставката на претседателската функција Вулф се раздели од сопругата, која сега мора да се појави во судница и да сведочиФотографија: picture-alliance/dpa

Како противуслуга за дарежливиот пријател, Вулф веднаш побарал финансиска поддршка за филмски проект на Греневолд од тогашниот шеф на концернот „Сименс“ Петер Лешер. Како што е познато во меѓувреме, тоа било безуспешно. Адвокатите на Вулф отфрлаат каква било поврзаност. И покрај малата сума и малкуте докази, сепак стриктниот германски Закон против корупција би можел да биде кобен за поранешниот претседател. Судиите ќе мораат да утврдат каде завршува личното пријателство и каде започнува службената корист. Обвинителството на почеток сакаше да му се суди на Вулф за поткуп, но судот покрена обвинение само за злоупотреба на службена положба. Вулф се надева на ослободителна пресуда.