1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Поранешниот главен град повторно се пронаоѓа

29 август 2008

Конференцијата за Авганистан, на ридот Петерсберг кај Бон, се погрижи за тоа - поранешниот главен град на Германија повторно да биде присутен ширум светот. Градот одамна се созема по преселбата на владата.

https://p.dw.com/p/F7HG
Градското собрание во БонФотографија: presse

Главен граду, збогум! Бон беше седиште на владата речиси пет децении (1949-1999). Откако владата се пресели во Берлин, Бон беше деградиран од главен во „сојузен град“. Оној што ќе помисли дека во Бон веќе ништо не се случува, ќе се зачуди. Имено, Бон имаше успешен структурен пресврт. Како замена за министерствата, во градот се етаблираа над 150 организации и институции. Од 1996 година Бон е град на Обединетите нации и седиште на повеќе институции на организацијата. Значи, интернационализмот има значајна улога во „малиот“ град на Рајна.

Luftaufnahme Luftfoto vom Petersberg bei Bonn
Хотелот Петерсберг крај БонФотографија: presse

До денес се сочувани знаменитости од политичкото минато. Поранешната пленарна сала во Бундестагот е проектирана од архитектот Гинтер Бениш, и е во употреба од 1992 год. Во денешно време, отворена e за заинтересираните посетители и за одржување на разни конгреси. Во истиот историски дух, се претставува и старата хидроцентрала „Васерверк“, која пратениците ја користеле како сала за седници од 1989-1992.

2000 години историја на градот

„Castra Bonnensia“, стар римски логор, е почетокот на историјата на градот. Од 13 до крајот на 18 век, Бон бил дел од територијата на кнезовите кои имале право да го избираат кралот и надбискупите од Келн. Наследството од овој раскошен период се` уште може да се види насекаде низ Бон. Во портретот на градот исто така припаѓаат и градби во барокен стил, какви што се главната зграда на Универзитетот и дворецот во Попелсдорф, но и граѓанските куќи и вили од периодот на основањето и оние во младешки стил.

Beethovenhaus Bonn
Куќата на Бетовен во центарот на градотФотографија: DW/Max Marenbach

Се разбира, во родниот град на Лудвиг ван Бетовен не смеат да се запостават уметностите. Нив ги нуди Бетовен фестивалот, кој се одржува секоја година но, на пример, и бројните музеи во градот. Во Бон има над 30 музеи, меѓу нив и новата „Куќа на историјата“ на Сојузна Република Германија со збирка историски сведоштва и предмети од секојдневието од минатите пет децении.

Villa Bonn
Една од убавите вили покрај РајнаФотографија: DW/Max Marenbach

Мирно на Рајна

Местоположбата покрај Рајна влијае врз животот на 300 000 жители на градот Бон. Жителите на Рајнската област сакаат кога е мирно и идилично. Товарните бродови кои полека ги носи струјата, со седумте зелени ридови на планинската верига „Зибенгебирге“ во позадината, на луѓето им создаваат соодветна глетка, панорама за која Александер фон Хумболт со воодушевување велеше дека е „осмото светско чудо“.