1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Порторико гласа за државност или статус кво

Ник Дејвис/ Кристина Озимец6 ноември 2012

Граѓаните на Порторико денеска на референдум гласаат за државност или пониска форма на поврзаност со САД. Референдумот може да имаат круцијално влијание врз следните претседателски избори во САД

https://p.dw.com/p/16dVT
Фотографија: Reuters

Порторико е конфузно место со силен идентитет кој дури и на самите Порториканци им е тешко да го дефинираат. Од моментот кога ќе пристигнете во Порторико неговото двојно наследство е јасно, авионскиот екипаж ве пречекува на англиски, а потоа на шпански.

Граѓаните на островот се американски граѓани, кои се бореле и умирале за американското знаме, но се уште немаат право да гласаат на претседателските избори. 85 проценти од популацијата во земјата признава дека говори малку англиски, но сепак голем дел од луѓето сакаат нивната земја целосно да стане дел од САД.

Островот е теритторија на САД и на шести ноември, Порториканците ќе гласаат за следниот гувернер и ќе избираат нивен претставник во американскиот конгрес, но и за тоа дали сакаат да ја променат нивната врска со САД.

Првиот дел од референдумот ќе биде едноставно „не“ или „да“. Дали луѓето сакаат да го задржат сегашниот статус како територија?

Потоа ќе им биде даден избор за тоа која алтернатива ја преферираат: да станат 51. држава на САД, да бидат независни или пак да бидат „слободно поврзана земја“.

Mitt Romney
Мит Ромни за време на кампањата во ПорторикоФотографија: dapd

Граѓаните поделени

Ова е четврти пат во 45 години како Порториканците гласаат за ова прашање и тоа продолжува да биде тема за дебата помеѓу граѓаните. Островот е самоуправувачка територија на САД и неговата надворешна политика и одбрана, како и многу од парите од кои зависат порториканците, се обезбедени од федералните фондови на Америка. Буџетскиот дефицит во Порторико стана нормална работа уште од 2004-та, а во 2011. земјата имаше долг од 68 милијарди долари.

Луис Фортуно, републиканскиот гувернер на Порторико, кој ќе се кандидира за реизбор, победи во 2008. година со големо мнозинство. Во обид да се намали дефицитот, владата, која е најголем вработувач во земјата, скрати илјадници работни места во јавниот сектор. Невработеноста во моментот е 13,6 проценти, а сиромаштијата изнесува дури 45 проценти.

Опозицијата вели дека референдумот може да е калкулиран обид за да се придобијат што повеќе поддржувачи на гувернерот, во изборите кои се чини дека се прилично тесни.

Во еден од изборните штабови на Независната партија на Порторико (ПИП) во Сан Хуан, веќе се чуствува изборната атмосфера. Плакатите и постерите во зелената боја на партијата се излепени низ целата просторија. Партијата која во1930-те имала голема поддршка, денес не е силна колку во минатото.

Американско влијание

„Факт е дека Порторико е несреќен случај во историјата“, вели Фернардо Мартин, претседател на ПИП. „САД би сакале официјален јазик на универзално разбирање да биде англиски, не би сакале тоа да биде товар за државата и би требало да биде значајна едногласност, а тоа нема да се постигне во следните 60 или 70 години“, смета тој.

USA Puerto Rico Volksabstimmung geplannt
Митинг на членовите на Популарната демократска партија која се залага за статус-квоФотографија: Reuters

Во меѓувреме, Мит Ромни, републиканскиот кандидат за претседател на САД, порача дека доколку тој стане претседател ќе се ангажира за државност на островот. За многумина ова е калкулиран потег од страна на Мит Ромни и гувернерот Фортуно, за испраќање на порака до порториканските гласачи во Флорида, една од клучните држави каде се води битката за претседателските избори.

Порторико има популација од четири милиони луѓе, но повеќе од половина од нив живеат во САД. Америка е втора држава во светот по бројот на граѓани кои говорат шпански но дали е подготвена да прифати шпанска држава како дел од неа?

Бизнис заедницата не ја поддржува отворено државноста, но приватно, многумина ги гледаат финансиските бенефити од целосното приклучување на Соединетите Американски Држави.

„Нема тука ништо идеолошки туку работата е чисто финансиска, зашто приклучувањето на САД има економска смисла“, порачува Стив Армбрустер, поранешен брокер и бизнисмен.

Многумина се надеваат дека со изборите ќе добијат прецизен одговор за иднината на Порторико, но финалната одлука на крајот на денот сепак ќе биде донесена во Вашингтон.