1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Португалија- рај за пензионери

Исабел Тимена/ Симе Недевски8 септември 2013

Владата во Лисабон со посебни даночни предности сака да привлече што поголем број пензионери од богатиот север на Европа. Кој во земјата престојува најмалку 183 дена во годината не мора да плаќа данок на приход.

https://p.dw.com/p/19Sqy
Фотографија: imago

Клаус Рихтер е среќен. Му дојде внуката Лоте и внесе живот во куќата. Сопружниците Рихтер неколку месеци во годината живеат во куќа во Алгарве. Медениот месец го поминале во Португалија и од тогаш не се одвојуваат од оваа земја. „Не може ни да се спореди со Германија. Посебно кога ќе помислам на зимата или на есента или лошата пролет во Берлин.“

Клаус Рихтер наскоро можеби би можел уште и да заштеди пари. Владата во Лисабон на почетокот на годината го преработи стариот закон според кој германските пензионери, доколку долгорочно престојуваат во Португалија, не мора да плаќаат данок на приход. Сопружниците Рихтер размислуваат да останат засекогаш. „Татковината е таму каде што ми е убаво и каде се чувствувам добро. Тука ни се пријателите и познаниците.“, вели Клаус.

На Португалија и' се потребни пари. Големиот број сончеви денови не може да ги потисне проблемите - земјата е во криза. Голема невработеност, влада во која се спорни многу работи и големиот државен долг се потрудија Европа да биде загрижена за Португалија.

Algarve Portugal
Фотографија: imago

10 илјади постари Германци веќе живеат во Португалија

Меѓутоа, кој може да донесе пари? Како да се заживее домашната економија? Португалската влада бара нови патишта и сака странските пензионери да ги искористи како помагачи во кризата. Дуарте Падињо , одговорен за туризам во местото Гуиа вели: „Не се споредуваме со останатите земји. Меѓутоа, во последните неколку години немавме големи кризи со недвижностите како во Шпанија и Грција. Нашиот брег се' уште не е толку густо изграден. Кога станува збор за пензионерите, вложени се многу пари и сметам дека нашата понуда е правилна.“
И Константино Жордан се надева на нови купувачи. Неговото семејство со генерации гради туристички населби во Алгарве. Овој пазар е исцрпен. Старите, богати пензионери од север се иднина на земјата.

Неговата последна туристичка населба е прилагодена на потребите на пензионерите. Куќите имаат лифтови. Водата во базените може да се грее, а и болницата не е далеку.

„Не би ги нарекувал домови за старци, зашто луѓето тука сакаат да водат сосема нормален социјален живот без да се чувствуваат дека се стари. Меѓутоа, исто така требаат да знаат дека не се сами и оти имаат многу добра медицинска нега.“, вели Жордан.

Преселување во Португалија на стари денови не е нов тренд. На португалското сонце во текот на годината уживаат најмалку 10.000 Германци.

Неправедно за Португалците

Во местото Гуиа се среќаваме со Германци кои пред неколку години се преселиле во Алгарве. За нив не важат новите правила. Нивната пензија се оданочува и тоа многу повеќе отколку во Германија.

Portugal Strand baden Wasser Meer Atlantik Touristen
Фотографија: AP

„Тоа е неправедно не само поради нас туку и поради Португалците и поради сите оние кои плаќаат данок.“, вели пензионерката Хилке Глинке.

Еден Германец со просечна пензија во износ од 2.000 евра благодарејќи на новата програма може да заштеди околу 20 проценти. Сѐ уште никој нема пресметано што тоа ѝ носи на Португалија бидејќи програмата е релативно нова.

Дали се германските пензионери добитници во оваа криза? Тие не сносат никакви економски ризици и можат, ако на Португалија и' тргне уште полошо, повторно да се вратат во Германија.

„Мислам дека е добро тука да доаѓаат германски пензионери. Португалија е убава земја во која може добро да се живее. Зошто тоа не би го можеле и другите?“, вели жителот на Гуиа, Аделино Марињо. Неговиот сограѓанин Жоао Гуера се надоврзува „Мислам дека во криза мораме да бидеме заедно. Само заедно можеме да одиме напред.“

Клаус Рихтер сѐ уште нема пресметано што му носи понудата на португалската влада. Веројатно ќе му се исплати така што внуката Лоте и понатаму ќе може да ги минува летата кај дедо и баба во Португалија.