1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Португалија ја надмина владината криза

АТ/ афп/ртр5 јули 2013

Еврозоната може да здивне. Тешката владина криза во Португалија е надмината, увери премиерот Пасос Коељо. За утре (06.07) синдикатите најавија нови протести.

https://p.dw.com/p/192Wd
Фотографија: Reuters

Португалското раководство, според сопствени наводи, ја надмина поделбата во владиниот табор. „Пронајдена е формула, со која може да се гарантира стабилноста на владата“, изјави премиерот на кризната земја Педро Пасос Коељо по средбата со претседателот Анибал Кавако Силва во Лисабон. Шефот на централно-десничарската коалиција меѓутоа не наведе детали. Програмата за реформи и штедење, договорена со донаторите, ќе биде продолжена, увери премиерот.

Две оставки за неколку денови

На почетокот на неделава оставка поднесе министерот за финансии Витор Гашпар, архитектот на строгата политика за штедење, кој имаше и силна позиција во владиниот кабинет. Тој оставката ја образложи со се' помала подршка во рамките на владата. Исто така и министерот за надворешни работи Пауло Портас се повлече од функцијата. Портас е шеф на Народната партија (ЦДС-ПП), коалиционен партнер на социјалдемократите (ПДС) на Пасос Коељо.

Кризата изби во фаза кога Португалија мора да донесе одлука за нови штедења, за да ги исполни насоките на донаторите од ЕУ, Европската централна банка и ММФ. За пакетот помош од 78 милијарди евра, кој Португалија го доби во 2011 година, земјата се обврза на строг курс на штедење.

Длабоките резови во државниот буџет во изминатиот период предизвикаа масовни протести и генерални штрајкови. Економијата е заслабена. Квотата на невработеност во Португалија се искачи на рекордно ниво на повеќе од 18 проценти. Најсиромашната земја на Западна Европа трета година по ред најверојатно ќе остане во рецесија. Ова за Португалија е најтешката економска криза од 70 години на минатиот век.