1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Португалските пензионери на барикади

Тило Вагнер/ Симе Недевски28 мај 2013

Португалската влада планира нови намалувања на пензиите. Истовремено, таа дури и поттикнува конфликт на генерации. Меѓутоа, спротивставувањето на мерките за штедење ги обедини протесните движења на младите и старите.

https://p.dw.com/p/18fIH
Фотографија: reuters

Ангелика Канело секој ден доаѓа во пензионерскиот дом кој се наоѓа во близина на нејзиниот стан во лисабонската населба Амадора. „Таму играм домино и разговарам со пријателите. Меѓутоа, тука не јадам. Јадам дома“, вели Канело. Таа со 400 евра месечна пензија мора да плати давачки за станот, прехранбени продукти, телефон и лекови. Се' уште не знае дали ќе ја погодат новите мерки за штедење кои ги најавува владата во Лисабон. „Морам да живеам од она што ми го даваат. Ако немам пари за месо и за риба, тогаш ќе јадам леб и супа“, вели Ангелика Канело.

Пропишани мерки на штедење

По изрекувањето на пресудата на португалскиот Уставен суд во април во која се наведува дека одделни делови на владините мерки за штедење се противуставни, Владата бара нови начини со кои планира да го намали кусокот во државната благајна. Меѓународната кредиторска „Тројка“ (ЕУ, Меѓународниот монетарен фонд и Европската централна банка) под итно бара мерки на штедење во кои спаѓа и смалувањето на пензиите на поранешните државни службеници. Португалската влада издвојува средства за 3,5 милиони пензионери. Меѓутоа, разликите во износите на пензиите се многу високи. Додека половина од поранешните вработени во јавните служби месечно имаат примања од над 1.000 евра, 85 проценти од „обичните“ пензионери добиваат помалку од 500 евра. Премиерот Педро Пасос Коелјо предложи воведување нови мерки за штедење кои ги погодуваат пензионерите. Меѓутоа, тие мерки се спорни во коалициската влада. Дали мерките на премиерот ќе бидат спроведени на дело зависи од тоа дали Португалија до крајот на годината ќе може да го намали дефицитот на 5 проценти.

Portugal Rentnerproteste Angelica Canelo
Ангелика Канело, пензионеркаФотографија: DW/T. Wagner

Остри протести на населението

Плановите на португалската влада наидоа на противење на граѓаните. Пред 6 месеци една група пензионери реши да го крене гласот и да им се спротивстави на мерките за штедење. Витор Фереира е раководител на лисабонската канцеларија на Здружението на прензионери. Тој вели дека му се јавиле повеќе илјади пензионери. „И ние пензионерите сакаме да дадеме свој придонес во кризата. Меѓутоа, ни пречи што мораме се повеќе да издвојуваме пари“, вели тој. Стручњаците сметаат дека Фереира е во право. Поранешниот министер за труд Антонио Багао Феликс пресметал дека реалното намалување на пензиите во Португалија во изминатите 2 години изнесува помеѓу 9 и 25 проценти. Здружението на Фереира бара детални реформи на овој состав.
Витор Фереира и префрла на владата дека во актуелните дебати поттикнува конфликт на генерации во земјата. Пасос Коелјо на конгресот на една младинска организација рече оти многу пензионери во Португалија добиваат повеќе пари отколку што во суштина им припаѓаат.

Фереира вели дека не е добро тоа што премиерот за старите генерации зборува токму на конгресот за млади: „Во моментов преживуваме една драматична економска ситуација и невработеноста на младите е многу голема. Еден одговорен политичар таа тема не смее да ја поврзе со реформата на пензионерскиот систем, како што тоа го стори премиерот.“

Тежок живот без помош од родителите

Во европските кризни земји: Португалија, Шпанија или Грција семејството е важна потпора за младите генерации. Солидарноста на младите, невработените и родителите во пензија е причина за тоа што во Португалија, без разлика на економската криза, сиромаштијата не е во пораст. Лисабонското социјално здружение „Каис“ проценува дека бројот на Португалци на граница на сиромаштија без поддршка од семејството и пријателите од 24 би се зглолемил на 35 проценти.
Тиаго Пеишото, 34-годишен историчар кој не е вработен, се' уште живее со мајка му. „Си помагаме меѓусебно. Секако дека мојата мајка страда поради кризата. Секако дека сакам да водам сопствен живот, да бидам независен и да имам сопствен стан. Меѓутоа, во моментов тоа не е можно. Поради тоа живееме заедно и тоа без големи проблеми.“ Пеишото е активист во едно цивилно здружение кое се залага за правата на младите Португалци. Тој заедно со другите младински движења ги поддржува протестите на пензионерите. Тоа е знак дека протестите против владината политика за штедење уште повеќе ги обединува генерациите.

Portugal Rentnerproteste Vítor Ferreira
Витор Фереира, раководител на лисабонската канцеларија на Здружението на прензионериФотографија: DW/T. Wagner