1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Посвојувањето деца од Хаити- помош или брутален бизнис?

6 февруари 2010

Никој не знае колку деца на Хаити останаа без едниот или двајцата родители. И пред земјотресот, во земјата имаше 400 илјади деца без родители. Сега тие се во нова опасност

https://p.dw.com/p/Lpdf
Сираче на улиците на Порт-о-ПренсФотографија: AP

Пред земјотресот на Хаити, во земјата имаше повеќе од 400 илјади сирачиња. По катастрофата, состојбата е уште подраматична. Многу луѓе и организации сакаат да помогнат со посвојување на децата, но има и такви кои во хаосот сакаат и да профитираат и од децата да направат робови. Експертите препорачуваат да не се брза со посвојувањата, туку најпрво да се направи список на децата во Хаити.

Ова седум годишно девојче раскажува дека живее на улица, заедно со луѓето кај кои работи. Мора да работи исто како и пред земјотресот, но сега е уште потешко. Сите се нервозни, ја тепаат. Чека во ред за вода, ги пере алиштата. Кога некој ќе ја види во таква ситуација, посакува веднаш да ја однесе дома.

Можеби во иста ситуација се нашле и Американците кои во саботата беа уапсени на границата со Доминиканската република со 33 деца. Тие тврдеа дека сакале да ги спасат. Меѓутоа, властите на Хаити стравуваат дека можеби се работи и за трговци со луѓе.

Илјадници сирачиња по улиците

Никој не знае колку деца на Хаити останаа без едниот или двајцата родители. И пред земјотресот, во земјата имаше 400 илјади деца без родители, а вкупниот број на жители е 9 милиони.

Посвојувањето е еден од начините да им се помогне на децата. Меѓутоа, секогаш треба да се биде внимателен, особено кога се посвојуваат деца по една ваква катастрофа, вели Рубен Ведел од германската хуманитарна организација за помош на деца.

„Мислам дека сега посвојувањето е опасно, а трговијата со деца цвета во вакви ситуации. Многу е помала контролата од вообичаено, состојбата е хаотична. Првиот чекор е регистрацијата на децата. Доколку никој не знае дека децата постојат, тогаш никој нема ни да ги бара“.

Близу една третина од децата на Хаити не се заведени во матичните книги. Владата тоа досега не ја загрижуваше посебно. Заедно со Гватемала, Хаити отсекогаш беше рај за трговците со луѓе во Америка.

Бебиња на продажба за 10 илјади долари

Waisenkinder auf Haiti nach dem Erdbeben
Фотографија: AP

Илјадници деца се посвоени и тоа е добро, но не се знае колку деца се исчезнати. УНИЦЕФ проценува дека едно бебе на пазарот достигнува цена и до 10 илјади долари.

Хаити никогаш не го потпиша договорот за заштитата на децата кој беше донесен во Хаг. Владата ги сожалуваше 250-те илјади деца робови во земјата, но никогаш не стори ништо за да им помогне.

Поради земјотресот, положбата на децата на Хаити е полоша од било кога. Дека се тргува со деца и оти тие се злоставуваат, тоа и не е новост, но сега се возбуди и светската јавност.

Итните посвојувања сега се опасни. Најпрво мора да им се помогне на децата на лице место, да се бараат родителите, да се подготват документи, да се изградат сиротишта. Потоа би било и пожелно да се посвојуваат деца, бидејќи сирачиња кои живеат во беда и ропство, на Хаити има застрашувачки многу.

Автор: Михаел Кастрициус/БГ

Редактор: Симе Недевски