1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Поселт бара решение за името во наредните шест месеци

Тони Гламчевски16 јануари 2014

Европратениците на пленарната сесија во Стразбур во расправата за Србија и Косово го потсетија грчкото претседателство со ЕУ дека треба да ѝ дозволи на Македонија да продолжи со европските интеграции.

https://p.dw.com/p/1Arj8
Фотографија: picture-alliance/dpa

Заменикот министер за надворешни работи во грчката влада Димитрис Куркулас пред Европскиот парламент ја претстави агендата на проширувањето. Тој нагласи дека Грција секогаш силно се залагала за проширувањето и во наредните месеци нејзин приоритет ќе биде поврзувањето на ЕУ со земјите од процесот на проширувањето во клучните сектори утврдени од Комисијата во 2013 година. Исто како и премиерот Антонис Самарас, тој избегна да зборува за Македонија како земја кандидат.

Отворен повик до грчкото претседателство

Меѓутоа уште на самиот почеток од расправата за тоа се погрижи чешкиот европратеник од редовите на социјалистите и демократите, Либор Ручек, кој испрати отворен повик до грчкото претседателство со ЕУ.

„Го повикувам грчкото претседателство и грчката влада да направи сѐ, за да продолжи напредокот во однос на прашањето со името со Скопје и официјалното име на земјата. Направете сѐ што е во ваша моќ, за нештата да напредуваат, за Скопје да тргне по истиот пат како Белград и Хрватска. Со други зборови ПЈРМ, треба исто така да започне преговори“, нагласи Ручек.

Дискусијата на британскиот европратеник Чарлс Танок oд редовите на европските козервативци и реформатори, беше во иста насока.

Charles Tannock Porträt Großbritannien Europaabgeordneter
Чарлс ТанокФотографија: William Lavender

„На Македонија треба да ѝ се честита. Во извештајот се зборува за фрустрација од која страда земјата. Сѐ досега Македонија напредуваше, и таа не треба да се остави сама. Проблемот со името е неодржлив и дојден е моментот кога тој треба да се реши.“

Германскиот европратеник од редовите на Народните партии Бернд Поселт со ист повик. „Грција треба да ја спушти блокадата за Македонија, за во регионот да има поголема стабилност“.

На ова реплицираше грчкиот европратеник Јоргос Кумуцакос од групата на народните партии, кој нагласи дека мислењето на Поселт е погрешно.

„Грција сака европска перспектива за сите свои соседи, тоа е нејзин стратегиски избор. Која земја гласаше за договорот за Стабилизација и асоцијација, која се согласи за безвизниот режим, таа да добие статус на земја кандидат, дали тоа беше Грција?“, запраша Кумуцакос.

Одговорот на Поселт беше краток: „Ќе ме радува доколку Грција ја поттикне европската интеграција на целиот регион, а со тоа и на Македонија. Јас апелирам до грчката влада и до Советот да го реши прашањето за името уште во наредната половина година, кога Грција го има претседателството, и да се погрижи за тоа истото да не го кочи развојот“, истакна Поселт.

Почетокот на преговори за Македонија - најголем успех на грчкото претседателство

Според белгиската европратеничка од редовите на либералите Анеми Нејтс-Ујтеброк „Фактот што немаме решение за проблемот со името за земјата која овде ја викаме ПЈРМ, како и непризнавањето на Косово од пет земји членки, тоа не е одраз на политичка волја туку недостиг на далековидост, бидејќи еден ден ќе мораме да најдеме решение за ова прашање.“

Rumänien EU Beitritt Bukarest Flagge
Фотографија: picture-alliance/dpa

Нејзината сопратијка од Романија Норица Николај смета дека Србија и Македонија треба набрзо да станат членки на ЕУ. „Грчкото претседателство ќе забележи вистински успех ако ѝ дозволи на Македонија да го започне процесот на зачленување. Тоа ќе биде сигурно најголемиот успех на претседателството со Советот што ќе го постигне. Грција не смее да ја пропушти ова прилика“, рече таа.

Словенечкиот европратеник од редовите на либералите Иво Вајгл со ист совет за грчкото претседателство. „За грчкото претседателство, кое мислам дека ќе биде одлично, продуктивен и добронамерен ќе биде контактот со соседна Македонија и со тоа што ќе ѝ го отвори патот за евроатлантската интеграција, бидејќи станува збор и за членството во НАТО, а не само во ЕУ.“

Македонија наскоро на дневен ред на ЕП

Како одговор на сите овие забелешки претседавачот со ЕУ, грчкиот заменик министер за надворешни работи Димитрис Куркулас на крајот од дебатата за Србија само рече: „Тоа не е на дневен ред. Но, сакам да кажам дека одлуките од декември на Советот ги одразуваат позициите по овие прашања.“

Македонија е на дневниот ред идната недела на Комисијата за надворешни работи на ЕП, која ќе расправа по 170 амандмани за извештајот на Ричард Хауит, за кој на пленарна сесија ќе се расправа во февруари.