1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Посетата на Вестервеле на Скопје во фокус на грчките медиуми

СН/ЕМФ/миа23 февруари 2013

Повеќе грчки медиуми денеска (23.02) јавуваат за посетата на германскиот министер за надворешни работи Гидо Вестервеле на Македонија каде се сретна со претставници на државниот врв и на опозицијата.

https://p.dw.com/p/17kYH
Фотографија: MIA

„Германија ја поддржува европската перспектива на Скопје“, пишува денеска весникот „Имерсија“ во својот детален извештај за посетата на шефот на германската дипломатија Гидо Вестервеле на Скопје.

„Германија ја поддржува европската и евроатлантската перспектива на Македонија за што е потребно да исполни услови кои важат подеднакво за сите“, ја пренесува „Имерсија“ изјавата на шефот на германската дипломатија.

Под наслов „Вестервеле до Скопје: најдете решение за името и ќе видиме...“, весникот „Етнос“ пишува дека германскиот дипломат истакнал оти е потребно да се најде решение за името за да има напредок во процесот за пристапување на Македонија кон Унијата.

„Прво треба да се разјаснат одредени прашања, како прашањето за името и ве охрабруваме да ја искористите секоја прилика што ќе се укаже. Германската Влада ќе изврши влијание во Европа, на праведен и добар начин, но одлуките ќе бидат донесени кога на маса ќе бидат извештаите и ќе се знаат резултатите. Нема смисол уште сега да се прејудицираат некои идни постапки“, го цитира „Етнос“ Вестервеле.

„Експрес“ од посетата на германскиот министер на Македонија во насловот го извлекува неговиот повик да се реши политичката криза во земјата. Весниот пишува дека Вестервеле ги повика политичките сили во Македонија како приоритет да си ги постават националните интереси и да покажат подготвеност за компромиси и флексибилност за да се реши политичката криза во земјатата.

Грчките медиуми го пренесуваат и неговиот одговор на прашањето дали Македонија во јуни ќе добие датум за почеток на пристапните преговори со ЕУ, при што Вестервеле рече дека не сака да прејудицира и оти најнапред ќе го сочека извештајот на Европската комисија за земјата кој се очекува да биде објавен во април.