1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Посетата на Нимиц е одамна договорена

Александар Чомовски9 јануари 2007

Посредникот во преговорите околу името наредната недела доаѓа во Скопје. Метју Нимиц прво ќе се сретне во Атина, од каде и вознемиреноста за евентуалното прекрстување на аеродромот Скопје, со името на Александар Македонски.

https://p.dw.com/p/Ada7
Фотографија: aptn

"Посетата на Нимиц е договорена многу пред ова што се случи со скопскиот аеродром, така што таа најпрвин имаше барање да биде закажана во декември но бидејќи јас тогаш имав големи обврски замолив средбата да биде во јануари и некаден кон средината на декември се закажа терминот 14 јануари, така што не е поврзана со овој случај “ - рече македонскиот премиер Никола Груевски на реакциите од Атина дека тамошниот шеф на дипломатијата Бакојани, веднаш во Грција го повикала американскиот дипломат, посредник во спорот околу името со Скопје. Метју Нимиц ќе ја започне новата рунда преговори меѓу Грција и Македонија, за разликите околу името што во Њујорк траат една деценија. Тие беа замрзнати поради изборите во Македонија а американскиот дипломат прв пат ќе се соочи со новиот премиер Никола Груевски. Кон крајот на октомври 2005 година претседателот Црвенковски се обиде да ја драматизира најдената наводна компромисна формула како конечно решение. Беше свикана и специјална владина седница на тогашниот кабинет на Бучковски за да се даде согласност за евентуалната примена на кирилското писмо Македонија во некаква англиско-латинична транскрипција во седиштето на ОН и меѓународната комуникација што наводно би ја задоволило Грција. Црвенковски- “Имајќи ги во предвид обврските преземени од двете страни за начинот на кој што треба да се води овој процес, во овој момент , значи повторувам во овој момент, не можам да Ви ја соопштам соджината на поднесениот предлог и се надевам дека ќе го имам Вашето разбирање во однос на тоа“ . Груевски- “ Навистина не можам да разберам зошто толку се брза со овој одговор имајќи во предвид дека Грција веќе го одби“ .

Овие реакции на претседателот Црвенковски и тогашниот опозиционер Груевски беа забележани по лидерскиот самит што го организираше шефот на државата во октомври 2005 година. Оттогаш премиерот и претседателот немале разговори за стратешките надворешно – политички прашања. Со каква идеја Нимиц ќе биде дочекан во Скопје наредната недела не е познато, зашто претседателот и премиерот сеуште не оствариле позначајни контакти за стратешките прашања околу преговорите за името. Амбасадорот и преговарачот околу името Никола Димитров по средбата со шефот на дипломатијата Антонио Милошевски не коментираше дали ќе дојде до прва средба Црвенковски-Груевски пред посетата на Метју Нимиц во Скопје. Атина и Скопје се на различни позиции. Грција остро реагираше на самата помисла скопскиот аеродром да се преименува во Александар Македонски и постојано пледира за промена на македонското уставно име, како услов за евентуалната грчка согласност околу македонските евро-атлански аспирации.