1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Посетата на Папата на Турција – полн погодок!

1 декември 2006

Наспроти стравувањата, посетата на Папата Бенедикт 16-ти на Турција мина не само мирно, туку и многу успешно – оценува Карола Хосфелд во следниот коментар.

https://p.dw.com/p/AdvO
Слики за историјата: Папата на молитва во „сината џамија„ во Истанбул
Слики за историјата: Папата на молитва во „сината џамија„ во ИстанбулФотографија: AP

Посетата на Турција беше првиот сериозен тест за Папата на надворешно-политички план. Особено со оглед на дипломатската криза од последните три месеца, што ја предизвика цитатот од неговиот говор во Регенсбург. Иако Бенедикт 16-ти во меѓувреме повеќе пати изрази почит за исламот, сепак муслиманскиот свет со големо внимание го следеше секој збор и секоја нијанса во изјавите на Папата за време на престојот во Турција.

Интелектуалецот на челото на Католичката црква, кому повеќе му прилега професорската функција, отколку политичката, овој пат беше повнимателен. Можеби имаше и подобри советници. Во секој случај испитот на ова поле го положи, а неговата посета може да се означи како чекор напред во дијалогот на културите и приближувањето меѓу христијанството и исламот. Во таа насока помогна и посетата на славната “сина џамија“ во Истанбул. Сликите од неговата куса молитва внатре го обиколија светот и ќе останат врежани во колективното сеќавање. Папата исто така внимателно го покри крстот со мантијата и за време на разговорот со турскиот премиер Реџеп Таип Ердоган. А при запишувањето во книгата на впечатоци во мавзолејот на Кемал Ататурк, се послужи со цитат на основачот на модерната турска држава.

Помирливи беа и неговите зборови: Бенедикт 16-ти ја означи Туција како место каде се среќаваат разни култури и религии и како мост меѓу Европа и Азија. Турскиот ислам може да одигра функција на сврзник меѓу западниот свет и арапските земји.

Сепак, круна на целиот четиридневен престој беше средбата со Вселенскиот Патријарх Вартоломеј во Истанбул. Уште пред да седне на Светата столица Бенедикт 16-ти јасно стави на знаење дека екумената со православието за него има проритет. Со православната црква католиците имаат многу повеќе заеднички елементи, наспроти илјадугодишната поделба, отколку со протестантите. Освен тоа, со пристапувањето на Бугарија и Романија кон ЕУ од почетокот на нареднава година, во ЕУ ќе се најдат 40 милиони православни христијани. Тоа е само причина повеќе за интензивирање на дијалогот меѓу Католиката и православните цркви.

Бенедикт и Вартоломеј потпишаа и зедничка декларација за приближување, па се‘ до повторно обединување на поделената црква по големата шизма од 1054-та. Обајцата го поздравија процесот на повторно обединување на Европа и се договорија да вложат заеднички напори за чување на христијанските вредности, слободата на вероисповед, човековите права и правата на малцинствата.

Сето тоа се сепак само изјави за намери, до повторното обединување ќе мине уште доста време. Вистински напредок на екуменски план би била евентуална средба на Папата со рускиот Патријарх Алексеј Втори. Тоа е секако желба и на сегашниот, како и на претходниот Папа, Јован Павле Втори. Доколку посетата на Турција претставува добра подготовка во таа насока, тогаш екуменските заслуги на Бенедикт 16-ти ќе се вреднуваат како историски.

Се‘ на се‘ посетата на Папата на Турција беше полн погодок!