1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Посета чие најголемо постигнување е нејзината реализација

Нина Веркхојзер5 декември 2006

Коментар на Нина Веркхојзер

https://p.dw.com/p/AdvE
Башар ел Асад и Франк Валтер Штајнамер
Башар ел Асад и Франк Валтер ШтајнамерФотографија: AP

Германскиот министер за надворешни работи Франк Валтер Штајнмаер пристигна во Дамаск со порака од либанската влада, Сирија да не се меша во внатрешните работи на Либан, а исто така и во демонстрациите кои ги организира радикалното шиитско движење Хезболах. Стравот од хаос, насилство и нестабилност во Либан е повеќе од оправдан.

Но освен либанскиот апел и неколку желби во поглед на решавање на проблемот на палестинските територии, Штајнамер во Дамаск не донесе многу а ниту нешто понесе оттаму. Сепак, лично патуваше во Сирија, на што се подготвени малкумина европски министри и со самото тоа предизвика големи очекувања. Температурата ја зголеми и фактот дека Штајнмаер во август во последен момент ја откажа посетата заради неприфатливите изјави на сирискиот претседател Асад.

Овој пат од почеток беше тешко да се разбере длабоката смисла на мисијата. Не можеше да се очекува дека посетата на Штајнамер ќе остави посебен впечаток врз Дамаск, а уште помалку дека таа ќе влијае врз сириската политика. Од друга страна и во Тел Авив и во Бејрут на посетата гледаа со скептичност, при што постоеше и опасност сириските власти тоа да го искористат во пропагандни цели.

За некого од страна би било невозможно да навлезе во врските на Дамаск, Бејрут и Техеран, во кои се вмешани Хамас и Хезболах и кои се вкрстуваат во Сирија. Тие подразбираат сосема поинаков поглед на судирите на Блискиот исток од погледите на германската влада. Тоа не е причина двете страни да не се сретнат, но секако е пречка за подобро разбирање. Така помина и посетата на Штајнмаер на Дамаск. Тоа беше учтива размена на мислења и предупредувања кои не водат кон заеднички пат. Освен ако за време на германското претседателство не се укаже можност за позитивно влијание за решавање на блиско источниот конфликт. Во тој случај ќе биде од корист фактот што со сирискиот претседател е воспоставен личен контакт.

Би било претерано доколку во оваа посета се мешаат и некои високи стратешки финеси на надворешната политика на Берлин. Можеби најголемо достигнување е тоа што Штајнмаер се појави во Дамаск и јасно ги изнесе ставовите кои таму не се популарни. Изјавата на сирискиот министер за надворешни работи по средбата не укажува дека е прифатена некоја од идеите на соговорникот од Германија. Министерот ги изнесе исклучиво личните погледи на проблемот. Доколку Сирија остане на својот став извесно е дека нема да дојде до втора посета на Дамаск.