1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Последици на аферите на Вулф

23 февруари 2012

Транспаренси интернешнл под впечаток на смената на германскиот екс-претседател Кристијан Вулф смета дека е попотребно повеќе од кога било донесување нови законски одредби.

https://p.dw.com/p/147jC
Фотографија: picture-alliance/dpa

Еда Милер знае да биде „расипувач на игри“. Претседателката на организацијата Транспаренси интернешнл во Германија нема ништо против во богата земја како Германија да се одржуваат повремено манифестации како Летната забава кај претседателот на државата. Но, тоа би требало да се плаќа од парите на даночните обврзиници, а не од стопанството. На коалицијата против корупцијата, како Транспаренси се нарекува себе си, очигледно најважно и’ е кој ја плаќа сметката на крајот.

Членот на управата Јохен Бојмел е уште појасен. Политиката не смее да се доведе себе си во слаба позиција на подносител на молби до стопанството, туку мора да настапува посамоуверено.

Transparency International Deutschland Edda Müller Jochen Bäumel
Еда Милер и Јохен БојмелФотографија: dapd

Да се објавуваат јавно донациите над две илјади евра

Тоа не е ново сознание, смета Транспаренси. Но, под впечатокот на настаните околу екс-претседателот Кристијан Вулф, обвинет за незаконско стекнување привилегии, невладината организација смета од попотребно од кога било донесување нови законски одредби. Овој предлог Транспаренси го нарекува „офанзива на интегритетот“, барајќи цела низа мерки, на пример-објавување на имињата на донаторите на партијата за износи над две илјади евра, досега „границата на толеранцијата“ беше десет илјади евра.

Донациите до пратениците начелно би требало да бидат забранети, а нивните дополнителни извори на приходи мора да бидат јавни. На сојузно ниво, според актуелните закони, донации над пет илјади евра мора да бидат пријавени кај претседателот на парламентот, а јавно да се овјават оние над десет илјади евра. Задолжително е јавното соопштување и на дополнителните активности на пратениците кои носат заработувачка поголема од илјада евра. Притоа, адвокатите, а ги има доста во парламентот, не мора да ги објават имињата на своите клиенти ниту тогаш кога „чисто лобистички ги советуваат“, огорчено констатира Транспаренси.

Да не се примаат услуги

За организацијата која се бори против корупцијата широкото поле на лобирање претставува голем проблем. Навистина, од 1972-ра година постои и јавна листа со имиња на сојузи и нивни претставници. Но, Транспаренси смета дека не постои обврзувачки кодекс за односи и јасни правила за работата на лобистите, посебно нивното влијание врз законодавството. Претседателката Еда Милер заради постигнување поголема транспарентност и избегнување судир на интереси бара при донесувањето на секој закон да се документира и кој и на каков начин учествувал во него.

Таа бара и заострување на правилата за поканите на различни манифестации, за подароците и патувањата. За патувањата, постојат цела редица одредби според кои пратениците смеат да патуваат бесплатно, но само со воз. На Јохен Бојмел сепак не му пречи пак што политичарите прифаќаат покани на ручек или вечера.

Bundespräsident / Fahne / Standarte / Wulff
Фотографија: dapd

Сумите од покровителите се книжат паушално

Транспаренси смета дека покровителството е поголем проблем од донациите. Германската влада кон оваа тема се однесува релативно отворено. Секоја година објавува извештај со наброени даватели и приматели на донации и други видови парична поддршка. Во актуелниот извештај на германското министерство за внатрешни работи за 2009-та и 2010-та година се споменува сума од 93 милиони евра. Речиси две третини од неа добило министерството за здравство. За разлика од сојузните органи, партиите не се толку транспарентни кога се во прашање парите на покровителите. Транспаренси бара тоа да се промени.

Со години, се жали Бојмел, партиите парите од покровителите ги книжат паушално. Тие се ставаат под графата „приходи од приредби, печатени материјали и други поврзани активности“. Зад овој поим се крие на пример и сумата која покровителите ја даваат за партиските конгреси.

DOSSIER Thema Spenden Deutschland TEIL 1
Фотографија: Fotolia/Stefan Balk

Сизифовска работа

Во пракса тоа изгледа како на саем. Фирмите од областа на осигурувањето, енергијата или фармацевтската индустрија на делегатите на конгресите и посетителите им се претставуваат со свои штандови, како на саеми. Јавноста никогаш не дознава колку тие им платиле на партиите за своите штандови.

Транспаренси не се надева на брз напредок на ова поле. Организацијата е свесна дека врши сизифовска работа. Но, не се обесхрабрува. Сега ја очекува и поддршката на идниот германски претседател Јоахим Гаук. Транспаренси интернешнл смета дека тој има харизма потребна за „враќање на загубената доверба во политиката и политичарите“. Навистина, као што додава Еда Милер, не би било фер сега сите надежи да се проектираат во него.

Автор: Марсел Фирстенау/ Жана Ацеска

Редактор: Александра Трајковска