1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Последната претстава на атлетската дива?

Златко Калински14 август 2013

Трета светска титула и нов златен медал за Елена Исинбаева. Беше ли во Москва последниот лет во височните на оваа руска атлетичарка или не, легендата за Елена Исинбаева е веќе искована?

https://p.dw.com/p/19Oz6
Фотографија: AP

Беше главната актерка во величествената вечер. Остана последна во огромната атлетска арена во обидите да го собори светскиот рекорд на височината од 5.07. Рекордот изостана, но остана радоста на Елена Исинбаева од извонредниот настап пред својата публика, кој заврши со триумф, со нов златен медал и со третата светска титула. И беа приредени овации од трибините, со силни изливи на емоции.

„Со светското првенство мојата спортска кариера завршува. Тоа за мене ќе биде носталгичен момент и знам дека ќе морам да ги исполнам очекувањата на моите приврзаници“, деновиве изјави Елена Исинбаева.

Дали тоа навистина беше последната ролја во кариерата на атлетската дива?

Големо финале

Финалето во скок со стап беше бурно, предизвика голема возбуда најнапред на височината на 4.82, а потоа и на 4.89 кога Исинбаева во борбата со височините и со конкурентките, пред сѐ со Американката Шур и Кубанката Силва покажа огромна ментална сила и натпреварувачка моќ.

„Од една страна бев среќна што настапувам пред својата публика, од друга страна тоа кај мене предизвика многу емоции. Ја чувствував поддршката од трибините и тоа многу ми помогна. Знаев дека силно посакуваат да победам, а јас пак ја чувствував обврската да им се оддолжам на сите“, рече по финалето Исинбаева, оставајќи ги засега сите во недоумица дали тука завршува нејзината атлетска кариера!

Величествен опус

Елена Исинбаева без сомнение е најхаризматичната личност во женската атлетика, која им даде силно обележје на годините во новиот милениум. Со резултатските дострели кои со секој настап се креваа се повисоко, растеше и нејзината популарност! Омилена е каде и да се појави, постигна слава која може да се спореди со најголемите филмски и естрадни ѕвезди.

Leichtathletik-WM 2011 Flash-Galerie
Елена ИсинбаеваФотографија: picture-alliance/dpa

Почна во Волгоград, во една од најсилните спортски средини во Русија уште на 4 годишна возраст, но не со атлетика, туку со гимнастика. На справите остана сѐ до моментот кога поради својата височина и телесна градба мораше да се преориентира на друг спорт. Отпорот кон дисциплината скок со стап на почетокот, брзо се претвора во нејзина „зависност“.

„Јас уживам кога можам да го контролирам моето тело. Јас сакам да летам, се чувствувам прекрасно кога сум над летвичката“, со голем занес зборуваше Елена Исинбаева.

Првиот светски рекорд го собори во Гејтсхед, во Англија на височина од 4 метри и 65 сантиметри во 2003 година, само неколку денови по 21-от нејзин роденден. Тоа е почеток на фантастичниот лов на височините. Исинбаева низ кариерата беше водена од двајца тренери, Виталиј Петров и Евгениј Трофимов. Следејќи ги стапките на својот идол Сергеј Бубка, дури 27 пати ги соборуваше светските рекорди на отворено и во сала. Кулминација на нејзината моќ се втората олимписка титула во 2008-та година во Пекинг со светски рекорд од 5.05 и последниот небесен дострел на височина од 5.06 постигнат на митингот во Цирих во 2009 година.

„Јас секогаш имам желба да го соборувам светскиот рекорд, да им приредам на гледачите нешто спектакуларно. Тоа е мојот стил“, често знае да каже големата атлетска хероина.

Амбасадорската улога во „Уницеф“, членството во „Шампионите за мир“, желбата да помогне, е исто така нејзин стил и сфаќање за сопствената улога во спортот и во животот!