1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Последна надеж за изневерените од власта

11 април 2011

Минатата година македонскиот омбудсман постапувал по околу пет илјади предмети. Граѓаните му веруваат на народниот правобранител, како последна надеж да се стигне до правдата, а државата често го попречувала во работата.

https://p.dw.com/p/10qU3
Фотографија: Petr Stojanovski

За деценија и пол, колку што постои институцијата Народен правобранител, во Македонија трпеливо се градат механизмите кои говорат за степенот на демократијата и почитувањето на човековите права, вели Народниот правобранител Иџет Мемети:

„Во 2009 и 2010 година имаше енормен раст на бројот на жалби од граѓаните. Лани до нас пристигнаа единаесет отсто повеќе претставки од претходната година. Тоа покажува дека во Република Македонија се` уште се бројни повредите на правата на граѓаните. Од друга страна, може да се сфати дека граѓаните се повеќе имаат довреба во институцијата Народен правобранител и бараат од него заштита“, вели Мемети.

Не престанува кршењето на човековите права и слободи

Mazedonien Land und Leute Mann auf Parkbank
Во потрагата по правдата, за многумина последна надеж е омбудсманотФотографија: Petr Stojanovski

Лани граѓаните најмногу се жалеле на нееднаквиот пристап кон правдата, неефикасната јавна администрација, имотно-правните односи, политичкото и полициското однесување, затворите, потрошувачките права, работните односи и социјалата. Примивме 4827, а завршивме 4009 претставки, но и покрај тоа постои загриженост, признава Мемети:

„Сме констатирале 987 повреди на човековите права и слободи. Во 791 случај биле прифатени нашите мислења, сугестии, интервенции.“

Омбудсамнот се соочи со бојкот и притисок од некои институции

Македонија го држи неславниот рекорд по бројот на преставките во регионот, според бројот на жителите . Омбудсманот Мемемти признава дека во 2010 година се соочиле со тивок бојкот и притисок од одредени институции :

„Се` уште има институции и одделни сектори кои не само што не соработуваат со нашата институција, туку го доведуваат во прашање квалитетот на нашата работа, односно ја попречуваат нашата работа, што е за критика “.

Таков е примерот со Второстепените комисии во владата и други инстутиции, кои од вкупно 886, не одговориле на 170 барања.

Во време на економска криза и извршителите често ги кршат човековите права, тврди Мемети. Не може на едно семејство, кое прима социјална помош, или инвалидска пензија, банката да му ја блокира сметката, наместо да му запре до една третина од примањата при извршување, како што налага законот.

Свежи пари од ИПАР фондовите на ЕУ за напредок и квалитет

Foto: Petr Stojanovski
Фотографија: Petr Stojanovski

Народниот правобранител својата функција ја врши преку четири организациони единици . Покрај Скопје, има уште шест канцеларии во Тетово, Куманово, Кичево, Битола, Штип и Струмица. Стремејќи кон почитување на европската легислатива, неодмана за проектот „Поддршка на омбудсманот “Европската унија од ИПАР фондовите издвои шестотини илјади евра за македонскиот Народен правобранител. Мемети знае каде најрационално ќе бидат поторшени:

„Народниот правобранител во Република Македонија доби понагласени надлежности во заштитата на правата на децата и на лицата со посебни потреби , формираме посебен тим за нивна заштита. Како последица од Рамковниот договор, формираме посебно одделение за заштита од дискриминација, соодветна и правична застапеност.“

Од неодамна оваа институција стана и национален превентивен механизам против мачење и друг вид нечовечко однесување во местата, каде што лицата се лишени од слобода.

Автор: Милчо Јованоски

Редактор: Трајче Тосев