1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Последна прозивка на Александар Велики

11 март 2011

Како Македонија сака да го оживее своето културно наследство- весникот „Ди велт“ пишува за проектот „Скопје 2014“ и неговото влијание врз политичката иднина на земјата и грчко-македонскиот спор за името.

https://p.dw.com/p/10Wz1

Прашањето околу националноста не е едноставно, особено на денешниот Балкан. Овде пркнуваат во последниве 20 години повеќе од седум земји со своите јазици и се‘ што спаѓа во „националното создавање“. Тоа се отсликува на бизарен начин при слетувањето на аеродромот во Скопје, кој го носи името Александар Велики. Официјалното име на државата е ФИРОМ, признавањето без овааа понижувачка референца го спречува Грција, каде северна прoвинција го носи истото име, иако дури од 1988 година, стравувајќи од територијални претензии. Грција поради тоа го спречува приемот на Македонија во меѓународните организации. Политичарите од Скопје пак бараат Атина да го признае македонското малцинство во Грција, а не да зборува за славофонски Грци.

Александар-„Грк“ или „Македонец“, исто што и Јулиј Цезар-„Италијанец“

Официјално, во Грција нема етнички малцинства, Словени уште помалку. Тие се и биле Грци, чии предци одамна се доселиле во Грција, официјално. Неофицијално, на една спомен-плоча во северногрчкиот град Ахладе може да се прочита името „Николаос Груиос“, „грчки херој“ кој во 1940 година го дал својот живот за Грција во грчко-италијанската војна. Неколку години подоцна неговата вдовица емигрирала во југословенска Македонија. Нејзиниот внук, Никола Груевски, од 2006 година е македонски премиер. Неговата влада прави свртување во десно со цел враќање кон историските корени. Почетокот беше со преименувањето на аеродромот, со образложение дека Александар Велики бил Македонец. Според научните мерила, тврдењето дека Александар бил „Грк“ или „словенски Македонец“ е исто толку валидно колку и она дека Арминиус бил „Германец“ или Јулиј Цезар бил „Италијанец“, пишува „Ди велт“.

Скопје во потрага по поубав изглед

Скопје, кое лежи на реката Вардар, а во странство е познато како роден град на Мајка Тереза, има итна потреба од инвестиција во изгледот на градот. Тој носи печат на османската и на социјалистичката архитектура. Делата на Кензо Танга, ангажиран при обновата на Скопје по разурнувачкиот земјотрес во 1963 година, исто така не се вбројуваат во поуспешните на јапонскиот архитект. Сега во рамките на проектот „Скопје 2014“ настануваат бројни споменици на „македонски херои“. Меѓу нив и 22 метри високиот споменик на Александар Велики и македонска православна црква на плоштадот Македонија. Градот мутираше во огромно градилиште. Но, околу проектот постојат контроверзи, имаше дури и демонстрации против него. Делумно работите се стопирани по одлуката на Уставниот суд за нерегуларни тендери за градење. Владата ја ревидираше одлуката и се‘ продолжи нормално натаму. Сето тоа има сличност со Штутгарт 21, особено што цената на проектот од планираните 80 наводно се качила на над 200 милиони евра. Критичарите со право прашуваат дали не беа попотребни инвестиции на пример во застарената инфраструктура.

Symbolbild Presseschau

Албанците бараат „свои“ споменици

Македонските Албанци, близу една четвртина од населението, кои претежно се муслимани, се чувствуваат дискриминирани поради тоа што во проектот се предвидени главно христијански градби. Реновирањето на муслиманските споменици мора да оди од приватни пари или со донации од муслиманските земји. Од реизборот на Груевски во 2008 година негов коалициски партнер е албанска партија, која смета дека влезот во ЕУ е далечен и стравува од продлабочување на етничките јазови, кои во 2001 година земјата ја доведоа на раб на граѓанска војна. Партијата бара албански споменик паралелно со секој македонски споменик. Со оглед на тоа што веќе постојат споменици на Мајка Тереза и албанскиот национален јунак Скендербег, интересно е што уште ќе следи. Можеби ќе биде поставена статуа на браќата Блуз, конечно, Белуши браќата имаат албански корени.

Каков ќе биде резултатот и какво влијание ќе има „Скопје 2014“ врз политичката иднина на земјата, ќе се покаже, заклучува весникот „Ди велт“.

„Крај на молкот“

Весникот „Зиддојче цајтунг“ пак се осврнува на првите разговори меѓу Белград и Приштина во Брисел по отцепувањето на Косово.

„Првиот дијалог треба да ги зближи, да им го олесни животот на луѓето и да го пробие патот кон ЕУ. Но, се‘ заврши на очекувања дека следната година ќе се најдат решенија за секојдневните проблеми. Србија не го признава Косово и го смета за сеператистичка провинција. Приштина вели дека прашањето за статусот е решено, во што ја има поддршката на Вашингтон. ЕУ, од друга страна нема јасен став, зашто Шпанија, Грција, Словачка, Романија и Кипар не сакаат да го признаат Косово. Набљудувачите се плашат дека Србија има единствена цел - територијална поделба на Косово. Но, Вашингтон и Брисел службено стриктно одбиваат секаква промена на границите на Балкан“, пишува „Зиддојче цајтунг“.

Извор: „Ди велт“/„Зиддојче цајтунг“

Превод: Жана Ацеска

Редактор: Александра Трајковска