1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Последна средба на Буш и Путин како претседатели

Естер Хартбрих6 април 2008

Американскиот и рускиот претседател Џорџ Буш и Владимир Путин денеска во Сочи не ги надминаа стратешките несогласувања околу анти ракетниот штит на Американците, но покажаа желба да се бараат решенија за конфликтот.

https://p.dw.com/p/DcvX
Буш и Путин во СочиФотографија: AP

Наспроти заладените односи меѓу двете земји, претседателите Буш и Путин и на последната средба пред заминувањето од влијателната функција манифестираа пријателски однос.

Домаќинот на средбата во руското одморалиште на брегот на Црното море призна дека клучните разлики околу антиракетниот штит не се отстранети „Остануваме на нашата позиција, таа не се измени, но има и позитивни сигнали. Американската страна ја слушна нашата загриженост, прво во рамките на разговорите ’два плус два’ а и денеска исто така. Гледаме дека Претседателот на САД сака да го реши проблемот и тоа настојување е сериозно и искрено. Го поздравуваме таквото расположение“ – појасни Владимир Путин на заедничката прес-конференција по средбата.

Präsident Bush trifft Wladimir Putin in Sotschi Russland
Рускиот и американскиот претседателФотографија: AP

Гостинот од Вашингтон во врска со антиракетниот систем пак рече „Подрачје на кое се договоривме да соработуваме е системот за одбрана од ракети. На тоа подрачје очигледно ќе мораме да вложиме уште напори за да ја увериме руската страна дека системот не е насочен против неа. Денеска постигнавме согласност дека САД и Русија сакаат да создадат систем во кој Русија, САД и Европа ќе учествуваат како рамноправни партнери. Тоа е моќна и важна стратешка визија“ – рече Буш.

Во Сочи потпишана стратешка спогодба

Таа влезе и во завршниот документ т.н. „стратешка рамковна спогодба“ што го потпишаа двајцата претседатели. Во неа се содржани и други предлози со кои САД ќе се обидат да ја надминат руската скепса поврзана со стационирањето модерно анти ракетно оружје во Источна Европа. На експертско ниво фактички веќе е постигната согласност меѓу двете страни околу тоа какви мерки на градење доверба се потребни. Меѓу другото предвидено е склучување нов договор за конвенционално оружје и тоа како дел од севкупен пакет мерки.

И покрај разликите постои соработка

Обете страни ја нагласија ориентацијата кон натамошно нуклеарно разоружување, потоа кон соработка на полето на борбата против меѓународниот тероризам, борбата против дрогите и ширењето на масовното оружје.„Потпишувањето на стратешката рамковна декларација денеска ја покажува длабочината на нашата соработка, но исто така и разликите во мислењата. Декларацијата докажува дека можеме да соработуваме и покрај разликите!“ – изјави Џорџ Буш во Сочи.

Двете страни се заложија и за мирно надминување на проблемот со атомската програма на Иран. Буш посебно ја поддржа испораката нуклеарни прачки од Русија за иранските атомски централи, така што Иран нема да мора да има сопствено производство на ураинум.