1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Последниот сет-идеи на Нимиц е добра основа за преговори

20 август 2009

Македонскиот преговарач за името, амбасадорот Зоран Јолевски, денеска треба да се сретне со медијаторот Метју Нимиц и да ги пренесе ставовите на Македонија, за последниот сет-идеи за решение во спорот со Грција.

https://p.dw.com/p/JEcF
Метју Нимиц и Зоран ЈолевскиФотографија: Petr Stojanovski

Македонските власти не очекуваат брза и сигурна разрешница на грчко-македонскиот спор, ни по најновиот предлог на Метју Нимиц. Предизборието во Грција би можело да биде позиција на одолговлекување, тврдат владини извори. Предвремените парламентарни избори во февруари е поповолен термин за премиерот Караманлис, а дотогаш Скопје и Атина ќе ја одржуваат познатата „алиби преговарачка политика".

„Што се однесува до разговорите со Грција, под медијаторство на Нимиц, тоа е еден континуиран процес, еден континуиран дијалог, во кој ние учествуваме, даваме придонес и се надеваме дека ќе се најдат сили и начини да се дојде до некакво решение“, ова е веќе традиционална изјава на премиерот Груевски, дадена последен пат вчера во Крушево.

Тој на амбасадорот Зоран Јолевски деновиве му предочил дека решенијата од поглавјето три за македонскиот идентитет и името на македонската нација не се прифатливи за владата во Скопје. Но последните сет-идеи на Нимиц се добра основа за продолжување на преговарачкиот процес, оценува владата, и со таков одговор ќе настапи македонскиот преговарач во Њујорк.

Има разлики и околу новата референца, за властите во Скопје не е сеедно дали ќе биде Република Северна Македонија или Северна Република Македонија. Но тие би биле задоволни ако им се допушти на сите замји што ја признале Македонија под уставно име и натаму со неа да комуницитраат на таков начин.

Секое одолговлекување е неповолно за Македонија

Treffen des Mazedonischen Präsidenten, Branko Crvenkovski mit dem Mathew Nimitz
Црвенковски на една од средбите со преговарачот НимицФотографија: Petr Stojanovski

СДСМ стравува од забавена динамика на преговорите. Македонската влада треба да влезе во суштински реални разговори, оцени претседателот на оваа партија Бранко Црвенковски на затворен брифинг со новинарите, вчера напладне(19.08.2009). Како екс-претседател на Македонија, нему му е познат октомврискиот план на медијаторот, но како лидер на опозицијата побара владата да ги врати средбите за грчко-македонските преговори.

„Решавањето на овој проблем воопшто не треба да го мешаме со патриотизмот, бидејќи патриотизам исто така подразбира влез на Република Македонија во НАТО“, кажа Ден Дончев, потпретседател на новоформираната „Обединети за Македонија“, партија на екс-министерот Љубе Бошковски, кој на претседателските избори освои 15 проценти од гласовите.

Во два наврати досега, лидерот на владејачката Демократска унија за интеграција, Али Ахмети, вели дека грчко-македонските преговори се движат во поволна насока. Според експерти, цитирани во неколку македонски весници, се оценува дека Грција, по ветото на самитот на НАТО во Букурешт, има време за чекање, но дека секое одолговлекување со членството во НАТО е неповолно за Македонија.

Автор: Александар Чомовски

Редактор: Жана Ацеска