1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Последни консултации за извештајот на Комисијата за 24. декември

ЖА/макфакс/миа22 август 2013

Уште траат консултациите пред утрешниот рок за усвојување на извештајот на Комисијата за расветлување на настаните од 24 декември 2012 година. Екс претседателот на Комисијата, Давитковски вели - сите сценарија се можни.

https://p.dw.com/p/19Ums
Фотографија: MIA

„ВМРО – ДПМНЕ е фокусирана дијалогот за Комисијата за расветлување на настаните во Собранието од 24 декември да успее, додека СДСМ повеќе е фокусирана на порталите што ги контролира да пушта некои сплетки и манипулации“, изјави премиерот Никола Груевски за работата на ад-хок Комисијата.

„Влогот за државата е голем и треба барем за неколку дена да се фокусираме на решавање на проблемот“, изјави Никола Груевски по посетата на струшкото село Бороец на новинарско прашање за коментарите на некои медиуми дека Комисијата ќе доживее дебакл.

Тој не сакаше да прејудицира, само изјави дека разговорите се во тек и се во постојан контакт за решавање на проблемот. Комисијата сe‘ уште нема продолжено со работа, откако околу 14 часот членовите отидоа на пауза, а претседателот на Комисијата во оставка, Борче Давитковски најави дека ќе прави дополнителни консултации на највисоко политичко ниво. Давитковски се сретна со шефот на Кабинетот на Груевски, Мартин Протоѓер и заменик претседателот на СДСМ, Радмила Шеќеринска. Средбите траеа кратко, сите излегоа од Клубот на пратениците и не се знае кога ќе продолжи состанокот на Комисијата.

Давитковски изјави дека сите сценарија се можни, но остана оптимист дека до утре ќе биде изготвен извештајот. Неофицијално, СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ сe‘ уште не можат да се усогласат за уставните прекршувања.

Лидерите Груевски и Заев на средбата во понеделникот се договорија крајниот рок за постигнување согласност да биде пролонгиран до утре, по што доколку не биде постигната согласност ќе се смета дека не може да се постигне конечно решение.

Лидерите на ВМРО-ДПМНЕ и на СДСМ се договорија во периодот што следува да се вложат последни напори за откочување на процесот, негово интензивирање и донесување конечно решение околу извештајот на Комисијата, како последен обид за постигнување договор, чие евентуално недонесување ги загрозува европските перспективи на Република Македонија.