1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Последно предупредување за Европа

6 декември 2011

Заканата на рејтинг агенцијата „Стандард и Пурс“ дека ќе го намали рејтингот на земјите од еврозоната не е изненадување. Прстот е ставен на вистинско место во раната.

https://p.dw.com/p/13NUP

„Што се случува со еврото?“ Ова прашање нашата редакција го постави уште пред единаесет години. Тогаш еврото се‘ уште не беше во оптек во кеш, туку беше присутно само во облик на депозити на финансиските пазари. Уште од тоа време, во архивата, може да се најде оваа реченица: „Девизните пазари чувствуваат многу прецизно дали политиката оди по вистински пат за зајакнување на одредена валута, или не“. За три недели се навршуваат точно десет години по воведувањето на еврото како платежно средство во евро-земјите, јубилеј кој сигурно нема да се слави.

Во тоа време ставовите на голем број скептици едноставно беа занемарувани. Европа се‘ уште не е подготвена за заедничка валута, се прави вториот пред првиот чекор, предупредуваа тие. Зашто, кој сака да живее со заедничка валута, тој мора да има и заедничка буџетска политика. „Зошто вие Европејците имате една заедничка валута, но 17 централни банки, 17 национални буџети, 17 министри за финансии плус европските институции?“ Тоа е прашањето кое се поставува постојано во странство. Кинеските инвеститори би купиле радо еврообврзници, но не и долгови на одделни евро-земји, рече деновиве еден трговец со обврзници во Франкфурт.

Заканата одекна како бомба

Сега и острите зборови на чуварите на бонитетот од „Стандард и Пурс“. Се‘ уште е само закана, но одекна како бомба. Се разбира дека времето на објавување е свесно избрано. Се разбира дека политичарите и одговорните реагираат со вообичаениот одбранбен рефлекс, како на пример шефот на евро-групата Жан-Клод Јункер: рејтинзите не треба да се земаат толку сериозно предвид. Погрешно! Ова предупредување на „Стандард и Пурс“ не е изненадување. Тоа доаѓа токму во вистински момент, на неколку дена пред европскиот кризен самит. Такви, впрочем, во изминатите две години имаше 13, без притоа состојбата вистински да се подобри. Европа сега мора конечно да ја надмине малодушноста и да се соочи со фактите.

Deutsche Welle Wirtschaft Henrik Böhme
Хенрик Беме, автор на коментаротФотографија: DW

Дали господата во бриселската конференциска зграда, чии ходници и соби ги познаваат одлично поради многуте ноќи полни со очај минати во нив, навистина и конечно ќе можат да се соземат? Сомневањата дека тоа е можно се сериозни. Ако само се погледне самонареченото европско раководно дуо - Ангела Меркел и Никола Саркози, ќе се види - пред камерите демонстративно единство, зад кулисите огорчен судир околу вистинскиот пат за излез од кризата. Тоа важи за еврообврзниците и за прашањето - дали Европската централна банка треба да купува наголемо државни обврзници од земјите во криза. Тука госпоѓа Меркел на господинот од Елисејската палата му вели јасно - не! А кога проблемот е многу компликуван, како по прашањето на суверенитетот на националните држави, тогаш е можен во најдобар случај само гнил компромис. Така, при лоша буџетска политика треба да е можна тужба пред Европскиот суд, но тој не смее да ги анулира националните буџети.

Така од Европа не бива ништо. Да, рејтинг агенциите во минатото правеа грешки. Беа критикувани зашто не дале предупредување доволно рано. Сега го прават токму тоа. За тоа не треба да им се биде благодарен, но тие го ставаат прстот на вистинско место во раната. Како беше речено во еден од прилозите на оваа редакција пред единаесет години? „Во политиката, и само таму, постои шанса за извлекување на еврото“. Тука до денес ништо не е променето.

Автор: Хенрик Беме

Превод: Елизабета Милошевска Фиданоска

Редактор: Борис Георгиевски